Борис Џонсон е познат по рецитирањето наизуст на старогрчки епови, а понекогаш и практикување на ораторски вештини на погрешно место во погрешно време (види претходно тука). Но сега е актуелен поради неговиот говор одржан пред учениците на училиштето Кесл рок во индустрискиот град Колвил, а по повод отварањето на британските училишта во кои е одлучено дека ќе се држи настава со физичко присуство. Истовремено, се очекуваше дека тој ќе понесе некаква одговорност во врска со стресовите низ кои минаа учениците, родителите и наставниците на крајот на минатата школска година. Имено, за да се спречи „дуење“ на оценките по затворањето на училиштата поради пандемијата, соодветните образовни органи изработиле алгоритам за оценување на онлајн тестовите. Но тој предизвикал таков хаос, што раководителот на Одделението за образование, како и шефот на испитната комисија која ја изработила програмата, морале да дадат оставки.
Говорот во Колвил се случил истиот ден кога е најавено нивното заминување од функциите, па коментаторите не можеа а да не забележат врска помеѓу насловите на книгите на полиците зад Џонсон и актуелната ситуација. „Дали некој лукав училишен библиотекар искористил златна шанса да го исмее премиерот пред целата нација?“, напишаа британските медиуми.
Whichever librarian managed to get not just the "The Twits" but also "Betrayed"; "Resistance" and "Fahrenheit 451" in the shot behind Johnson has my admiration. https://t.co/i1RYB00lcr
— Sam Freedman (@Samfr) August 26, 2020
И навистина, насловите на книгите во позадина како да се бирани така за да упатат суптилна но сепак јасна критика. Меѓу нив „Фаренхајт 451“ од Бредбери, „Шлакнатите“ (The Twits) од Роалд Дал, „Данокот“ (The toll) - дистопија од Нил Шустерман во која станува збор за монструозен диктатор, или „Чувари чувари!“ oд Тери Прачет, за сомнителен магионичар кој успева да постави на власт крал кој всушност му е марионета. Или е ова необична коинциденција, или е навистина дело на упатен и внимателен сценограф.