Библиотека со над 12.000 примероци мастило на американските тајни служби

Иако сме длабоко завлезени во дигитално доба, се уште ги замислуваме писмата со уцени или други закани составени од единечни букви исечени од весници, секоја со различна големина и фонт. Ваквиот метод не се развил случајно, туку за да ги збуни експертите за ракопис во тајните служби. Истите тие развиле и систем за пронаоѓање на оние кои заканите ги пишуваат рачно или пак печатат пари на домашни принтери.

Триста Гинзберг е специјалист за анализа на документи и ракопис. Во видеото подолу таа е домаќинка на епизода од серијалот Great Big Story, посветена на една посебна просторија во седиштето на Тајните служби на САД - Меѓународната библиотека на мастила. 

Тоа е најголемата библиотека од ваков вид во светот, со повеќе од 12.000 примероци пенкала, мастила во шишенца и тонери за компјутерски принтери. Тие служат за детектирање на потеклото на материјалите секогаш кога ќе се добие писмо со заканувачка содржина упатено до претседателот на САД.

Во таков случај специјалисти како Гајман земаат примерок од мастилото на писмото и потоа, преку споредба со мастилата кои ги има во библиотеката проценуваат каков тип на мастило било користено, што евентуално би го разрешило случајот. Освен за вакви писма истиот метод се користи и за детектирање на домашно печатени банкноти (најчесто од 20 долари). 

Ваквиот оддел во тајните служби бил создаден уште во 1865, како дел од Трезорот на САД, бидејќи по Граѓанската војна се проценувало дека една третина до една половина од сите банкноти во оптек биле фалсификувани. Дури во 1901 истото одделение добило втора значајна задача - заштита на претседателот. Сепак, засега не постои одделение наречено Меѓународна библиотека на лепаци, и покрај стереотипот од погоре, дека заканувачките пораки главно се „пишуваат“ со користење букви од списанија и весници. 

извор

19 мај 2023 - 07:11