„Без причина, но со Киро“, би можел да гласи насловот на овој текст, инспириран од треморот кој следеше по непромислен клик на македонски агрегатор на вести за време на лежерен одмор на исто така македонски крак, на полуостров чие име потекнува од древен збор за бакар. Зајдисонцето во боја на овој метал одеднаш го замрачија меѓународен инцидент на аеродром, угасени фрижидери за агенси, најави за радикализација на опозицијата на есен. Доволно е човек малку да се оддалечи, духовно и физички, за да сфати колку е секојдневно труен од У.П.М. честици, за кои не е измислена доволно непропусна маска.
Но некаков штит, дури и копје, сепак е измислено. Се вика сатира, а етимолошки означува нешто полно, како lanx satura, богат сад со салата од мешано овошје, којашто денес низ менијата и штандовите за брза (а здрава) храна низ светот се среќава како - македонска! Можеби има врска и со сатирите, пијаните богови со козји уши и рогови, кои го реметат секојдневието на чесните граѓани со своето раскалашно однесување. Сатирата не мора да тера на смеење, а и обратно, не сиот хумор е сатиричен. Она по што тој се разликува од другото „смешно“ е горчливиот, метален вкус кој го остава во устата - ефектот е колку умствен, толку и сетилен.
Сатирата и иронијата се најефикасни извори за разбирање на едно општество, најстарата форма на антрополошко истражување. Тие нудат увид во колективната душа, во видливите и скриените структури на моќ, во нештата кои се општо познати а за кои сепак се молчи. Таа ја има привилегијата да ужива одреден имунитет дури и во „постегнати“ средини, само поради фактот што ја намалува социјалната тензија.
Ако е така, тогаш каде е сатирата кај нас? К-15, Вчерашни, Еднооки. Доволно ќе ми беше да изгледам десетминутна епизода која почнува со „Штовани публикуме“ и со звуците на „Леле-леле“ за полесно да го поднесам горното цунами од лоши вести и да му се вратам на фрапето. Затоа што би знаела дека има некој што не само механички клика, туку и критички следи, коментира, карикира, сатирски потскокнува, провоцира и така, несакајќи теши. Не сме слепи, го имаме барем тоа едно севидечко и скриено око, во кое не можат да ни брцнат, а чиј прекорен поглед го чувствуваат сите оние кон кои е упатен.
Во втората епизода на Еднооки од 2012, објавена набргу по смртта на Киро Глигоров, авторите (Дамовски, Русјаков и цела контра-банда), го срочуваат манифестот на својата сатира на следниов мета-начин, затворајќи му ја устата на Груевски кога сака културно да одговори на опозицијата за своите планови за промена на името. „Бејби ти си мислиш ова Влада или Собрание, па кога сакаш можеш политички коректни демагогии да продаваш. Овде бејби политички коректни глупости најдиктаторски се забранети.“ Особено е силен крајот, каде Глигоров го бркаат од рајот поради желбата и нему да му го смени името во „Патот на еволуцијата“, за да не се навределе атеистите. „За луѓето зборуваат делата. Лицемерието никогаш не е дел од сатирата. Еднооки изразуваат сочувство за човекот, ама не забораваат што направил политичарот“, пишува на одјавната шпица.
Да повториме. Сатирата не трпи лицемерие. Дали токму затоа ја нема во лицемерното македонско општество?
Илина, Букбокс