Пред некое време на сајтов пишувавме за „лажна“ подкаст епизода во која зборуваат Џо Роган и Стив Џобс. Ја направила добро увежбана вештачка интелигенција која преслушала илјадници часови епизоди од подкастот на Роган и од говори на Џобс и ги споила во сосема пристојно парче муабет.
Проектот „Бесконечен разговор“ (Infinite Conversation) сака да укаже на леснотијата со која почнаа да се прават вакви аудио колажи (и Дипфејк видеа),односно да ја зголеми свесноста за користењето алатки за синтетизирање на вистински глас. Според креаторот на сајтот, Џакомо Мицели, „во моментов, секоја мотивирана будала може да го направи ова со лаптоп во спална. Тоа го менува нашиот однос со медиумите кои ги конзумираме онлајн и поттикнува прашања за важноста на авторитативни извори на информации.“
Дали ова значи дека треба по дефиниција да почнеме да не веруваме на сè што гледаме онлајн? Тој препорачува скептичен став, особено доколку изворот или каналот на информации не изгледа сигурен или кога тој тврди нешто што звучи неверојатно.
Ова не е технички проблем, туку човечки. Станува збор за огромна технолошка моќ која може да биде злоупотребена за различни цели, но и употребена за еден ваков игрив проект, кој ни помага да замислиме што би направиле нашите омилени уметници или филозофи. Во случајот баварскиот директор Вернер Херцог и словенечкиот филозоф Жижек. Нивниот бесконечен муабет можете да го слушнете тука.