Насловот на книгата, „Белешки кон смртта на една култура: есеи за спектаклот и општеството" е асоцијација на есеј на Т. С. Елиот, „Белешки кон дефинирањето на културата" (1948), но со една значајна разлика - онаа култура којашто Елиот се обидувал да ја опише, за Љоса е во фаза на распаѓање и на добар пат засекогаш да исчезне. Тој особено ја оплакува фигурата на интелектуалецот, чии политички, естетски и морални расправи се ограничени на „мали социјални енклави, без влијание на главната струја", додека сето останато е заменето со забава. Ако Елиот сметаше дека е можно да се мине низ период на културен распад за да се пристигне во состојба во којашто воопшто нема да постои култура, Љоса објавува дека таму и пристигнавме.
Ова чувство има и име - declinism, или опаѓизам, на кое според освртот кон книгата на Salon, можат да се пожалат и голем број генерации пред нас. Проучувањето на тоа како работите одат по ѓаволите е речиси исто толку старо колку и модерната практика на историографијата, а почнува со антологиското дело на Едвард Гибон „Историјата на распадот и опаѓањето на Римската империја". Во неа Гибон тврдеше дека Рим пропаднал заради распаѓањето на моралното и военото ткиво на римските граѓани кои станале мрзливи, разгалени и склони кон тоа да најмуваат аутсајдери за да им ја чуваат државата.
Нешто повеќе од еден век подоцна „опаѓизмот" доби уште еден бард, во ликот и делото на депримираниот германски учител Освалд Шпенглер, и неговата „Пропаста на Западот", дело напишано во опаднатиот дух кој владеел во времето на неговото објавување, по Првата светска војна. Шпенглер верувал дека цивилизациите се појавуваат и исчезнуваат во циклуси кои типично траат по 1000 години, па дека таква судбина неодминливо ќе ја снајде и западната.
Љоса во оваа смисла е повеќе Шпенглеровец отколку Гибоновец - песимист, кој смета дека општеството во кое се проценува дали нешто е добро согласно тоа колку луѓето се подготвени да платат е осудено да биде некултурно, или безкултурно. Но и покрај интуитивната привлечност на неговите тези, критичарите му замеруваат за неколку работи: елитизмот во дефинирањето на културата, недостатокот на конкретни примери врз кои би се базирала неговата критика (Ким Кардашијан не чини затоа што..?), како и базична неинформираност за одредени феномени (на пример влијанието на интернет врз целата приказна).
„Љоса, според која и да е дефиниција, е сноб", вели еден од критичарите. „Толстој, Томас Ман, Џојс и Фокнер за него се култура, а бразилските серии, боливудските филмови и концертите на Шакира не се". И без да ја читаме книгата го замислуваме како мафта со бастумот, лут на културата, истата онаа која му има доделено Нобелова.