Нивните замерки се однесуваат на огромните суми кои се трошат за проект кој нема директна практична примена, но и на некои вонистражувачки детали. На пример - толку ли немаше друг фонт па ЦЕРН-овци мораа на денешната прес конференција да делат презентации во Comic Sans?
„Секој пат кога користите Comic Sans, Бог ја убива мачката на Шредингер. Ве молам мислете на неа" - гласеше една од реакциите на Твитер. „Додека во ЦЕРН ја бараа божјата честичка, пронајдоа нешто постаро, демонскиот фонт", напиша друг. Навистина, голем број дизајнери но и обични корисници не го сакаат овој тип букви, особено не кога тој се користи во контексти кои подразбираат некаква прецизност и авторитет. Според Холи Комбс, дизајнер кој го основал движењето „Да се забрани Comic Sans", тоа е како на некој формален настан да се појавиш во кловновски костим. Едноставно не иде.
Оние пак кои баш ги сакаат ваквите егзибиции, велат дека иако Comic Sans е можеби претерано користен и изгледа блесаво, тој ги прави сложените информации поразбирливи. Не е ни чудно, според нив, што него го користат терапевти за дислексија. Па што ако Хигс бозонот е сериозна работа - токму заради тоа работите во врска со него треба да се искомуницираат на што е можно попристапен начин.
Без намера да бидеме фонт снобови, или снобови воопшто, едно ни е јасно - ниту фонтот ќе помогне подобро да се разбере што се случува во колајдерот на ЦЕРН, ниту во овој случај обидот физиката да се претстави како нешто забавно и достапно секому ѝ користи на самата наука. Ако е толку просто, ќе си речат оние што го финансираат потфатот, што може секој да го прави, ај да им скратиме некоја милијарда. Па да видиме во кој фонт ќе биде следниот пат презентацијата...