Атомска бомба и коски од кокошки: кога всушност почнал антропоценот?

„Антропоцен“ е засега неформална ознака за геолошка епоха, чие датирање се врши согласно почетокот на „значајното човечко влијание врз земјината геологија и екосистеми“. Ок, ама како да се одреди тој момент?

Кого точно започнала ерата која ја нарекуваме „антропоцен“? Овој засега неформален термин, создаден во 1980-тите, е контроверзен, затоа што не е јасно како да се одреди, во 4,5 милијарди години старата историја на Земјата во која луѓето се застапени со бедни 200.000 години, моментот кога тие станале толку значаен фактор за човекот да биде прогласен за „геолошка супермоќ“.

Еден од предлозите е таквиот момент да се поврзе со еден голем „бенг“, но не оној од создавањето на универзумот, туку со тестовите на атомските бомби од 1952, кога низ планетата било испуштено големо количество изотопи на плутониум.  Друг вели дека меѓникот треба да се постави кај поствоеното, масовно производство на вештачки ѓубрива и длабокото влијание што тоа го извршило врз природниот азотен циклус. И микропластиката и остатоците од пестициди би можеле да бидат некои од еклектичните знаци кои би се користеле за одредување на почетоците на антропоценот. 

Меѓународен тим од речиси 40 научници под име „Работна група за антропоценот“ се задолжени со задача да одберат конкретна локација каде акумулираните наслаги покажуваат јасна транзиција од претходното доба во ова новото. Тимот има составено список со 12 такви места за кои е започнато гласањето - но може да има само еден „победник“. Човештвото без сомнение ја има променето Земјата многу вон стабилноста на холоценот, периодот долг 11.700 години во текот на кој се појавила сета цивилизација, а чиј крај ќе се знае кога ќе се одреди почетната точка на антропоценот. 

Ова е од многу големо значење, велат истражувачите, бидејќи преку дефинирање на антропоценот се сумира сето влијание на луѓето врз светот, што обезбедува платформа за холистичко разбирање и (можеби) акција за поправање на штетите. Од научна перспектива прецизна дефиниција е сепак најпотреба за обезбедување јасна база за дебата. Фактот што воопшто се дојде до тоа дека воведување нова епоха е оправдано, самото по себе е голема одлука. Сега останува да се идентификуваат јасни маркери на промена, кои би можеле да вклучуваат растечки нивоа на јаглерод моноксид во атмосферата, „заробени“ воздушни меури во јадрата на големите мразови и огромни промени во популациите и локацијата на видовите живи суштества. Меѓу другото, некои научници сметаат дека коски од домашно одгледувани кокошки би можеле да бидат еден од маркерите, со оглед на тоа што нивната генетика и скелети се многу поразлични од оние на нивните диви предци, дека денес тие се најголемата популација на птици на планетата, но и дека ваквиот тренд кај кокошките е всушност индикативен за глобалното намалување на бројот на дивите животни.

извор

18 јануари 2023 - 17:02