Апчиха!: хорор приказни на архивисти на скапоцени документи

Што губи историјата кога еден текст кој има историска вредност ќе биде уништен, не во погром или од природни катастрофи, туку поради банален несреќен случај?

Скапоцените, оригинални копии на значајни документи се третираат како свети објекти: до нив тешко се стигнува, а и кога се јавно достапни за истражувања, или просто за да се видат, се преземаат куп превентивни мерки, од носење ракавици до претреси на влез и излез.

Луѓето кои професионално се занимаваат со третман и анализа на вакви документи имаат свои стравови кои со текот на времето се намалуваат, но не и исчезнуваат. Во текст во Атлантик на оваа тема се наведуваат куп ситуации во кои работењето со архивски материјали тргнало наопаку од навидум банални причини. Кога авторката на текстот работела на книга за првите жени во медицинската професија таа истражувала лични писма и други оригинални текстови, како ракописни белешки на самите жени и нивни говори. Во моментот кога ги листала 150 години старите документи ја фатило страв дека повторно би можело да почне да ѝ тече крв од носот како што тоа ѝ се случило неколку недели претходно.

Архивистите со кои зборувала потоа на оваа тема споделиле интересни приказни и не помали стравови. Некој од нив еднаш кивнал врз богато илустриран средовековен ракопис, и како што инстинктивно почнал да го брише, така, како во сцена со Мистер Бин, мастилото сè повеќе и повеќе се замачкувало.

Друг панично се обидувал да изм’кне дел од 18-вековен текст заглавен во фотокопирот; документи кои биле испрскани со крв кога животно влетало низ прозорецот на архивата; бележник од кој се истуриле онакви „светки“ врз текстот. Некои од нив се уништуваат со тоа што не се применуваат соодвени начини на каталогизација или конзервација, на пример користење обични пенкала за да се означат податоците за сигнатурата и мастилав печат за означување на библиотеката. Несреќни случаи, како пресечен прст од острината на хартијата и остаток од крв на студентка која дошла на пракса во библиотеката, е уште еден хорор момент.

Секако, дел од значајните документи веќе поминале низ сито и решето: пожари, поплави, кражби, вулканска пепел. Додека не била утврдена нивната вистинска вредност тие биле користени и како обичен пак-папир за пакување пакети, дури и како хартија за печење што се става на дното на тавчињата. И која потоа се пече заедно со колачето...

Документите не се чуваат самите себеси - напротив, силите на ентропијата врз нив дејствуваат побрзо отколку што претпоставуваме. Технологијата на дигитализацијата оттаму е многу важна, но врската која луѓето ја чувствуваат со физичките предмети никогаш не може да биде заменета. Кога некој скапоцен документ е уништен до степен кој не овозможува реставрација, па макар и од обично кивање, ги губиме приказните кои ги раскажува тој артефакт, и во неговата физичка форма, кои дигитализацијата не може да ги сочува.

15 јули 2021 - 11:02