Kлубовите за домати биле воспоставени во САД во 1911, од страна на федералното министерство за земјоделие. Првиот бил отворен во Северна Каролина. Тоа бил образовен проект развиен од рурални реформатори а за подобрување на квалитетот на живот на фармите за жените и нивните семејства. Всушност целта им била двојна: промовирање нови практики кои би им овозможиле на селските девојки да бидат поодговорни кон заедницата и да стекнат поголема самодоверба, но и економизирање на домашната потрошувачка, со одгледување сопствен зеленчук.
Типичен доматен клуб имал членки на возраст од 12-18 години, кои вообичаено саделе декар домати, а потоа работеле во групи берејќи ги плодовите, конзервирајќи ги и продавајќи ги.
Но клубовите не биле формирани само за да се зголеми одгледувањето на домати, туку и за да се стават „вистински пари“ во џебовите на девојките, кои ги трошеле на убави фустани и на забава, но и на образование за своите идни работни места. Една од нив во статија од 1915 во списанието Journal of Education запишала дека работата на фармите за домати била „долга и понекогаш напорна“, но тоа било начин таа да заработи џепарлак и да има банковна сметка на која собрала дури шеесет долари (денешни 1.800).
Тоа е време кога конзервираната храна станува сè попопуларна. Некои клубови вработувале механички конзерватори, кои биле толку ефикасни што станале закана дури и за комерцијалните фабрики за конзервирање. Секако, имало и клубови посветени на други зеленчуци и растенија, на пример оние за производство на пченка, кои главно биле за (бели) момчиња и мажи. За разлика од нив, доматните клубови биле значаен дел од раната меѓурасна соработка. Белите и црните лидерки на клубовите споделувале информации, соработувале и се подучувале едни со други. Овој тип соработка можел да се покаже и како опасен, бидејќи некои ги сметале доматите за „инструменти на раната граѓанска освестеност“.
Клубовите почнале да опаѓаат по Првата светска војна, кога механизацијата променила некои од земјоделските процеси, а враќањето кон потрадиционална политика ги стишало претходните пораки за социјална промена и стекнување општествена моќ. Но во текот на нивното кратко постоење, јужњачките девојки и жени можеле да ја почувствуваат слободата и модерниот живот, кои имале вкус на салца од домашно растени патлиџани.