Актерот Мајкл Шин се прогласи за „непрофитен“ - ќе ја донира сета заработка за хуманитарни цели

Велшкиот актер и продуцент, со богата кариера од театарски и филмски улоги („Кралицата“, „Полноќ во Париз“, „Ноќни животни“), откако во 2019 организирал кампања за помош на бездомници, одлучил да сврти нов лист.

Холивудската ѕвезда Мајкл Шин соопшти дека отсега ќе биде „непрофитен актер“, откако ги продаде своите куќи и ги даде парите за хуманитарни цели.

Актерот и активист, кој има 52 години, изјавил дека организирањето на „Светскиот фудбалски куп за бездомници“ од 2019 му го променило животот. Овој проект го користи спортот за да поддржи и инспирира луѓе кои се без дом или кои живеат во несигурни услови да се стекнат со вештини и самодоверба, како и да се социјализираат преку играње фудбал. Вакви организации постојат во повеќе од 70 земји а главниот годишен настан е меѓународен фудбалски турнир за женските и машките национални тимови.

Во 2019, кога Шин бил дел од организацијата на овој настан, не можеле да се соберат потребните 2 милиона фунти за да се одржи купот. Тогаш тој ги продал своите куќи во Америка и во Кардиф и ги вложил парите во настанот. „Беше застрашувачко и многу стресно. Ќе плаќам за ова долго време“, изјавил тој. 

Но откако работите се слегнале, сфатил дека и не му е потребно толку многу во животот. Сега соопшти дека сета понатамошна заработка ќе ја вложува во нови проекти. Вели дека се прогласил самиот себе за „социјално претпријатие“. 

Ова секако не е прв пат Шин да се ангажира за хуманитарни цели. Во 2017 тој формирал невладина организација која им помага на луѓето да земат кредити под поволни услови и формирал фонд за помагање на студентите од Велс да одат на Оксфорд. 

Минатата година тој ја врати титулата „витез на британската империја“ која ја доби во 2009, откако поминал „скратен курс“ по велшка историја и одлучил дека не сака да биде „дволичен“.

7 декември 2021 - 09:42