Ако не ве бива за математика пробајте со благи електро шокови

Лекот да ти бил пет пари, ама кој да го знаел? Нова студија сугерира дека внимателно контролирана електрична стимулација на мозкот може да ги подобри математичките способности, особено со луѓе со послаби врски во одреден дел од мозокот. 

Ново истражување покажува дека речиси незабележливи електрични сигнали испратени до мозокот можат да ги подобрат математичките способности кај студенти. Истражувачите веруваат дека технологијата е блиску до тоа да стане достапна и за користење во домашни услови, иако експерти предупредуваат дека е потребно дополнително истражување.

Во студијата учествувале 72 студенти од Универзитетот во Оксфорд, поделени во три групи според слично ниво на математичко знаење. Сите учесници добиле електроди на главата, при што две од групите примале слаби електрични сигнали во одредени делови на мозокот - дорсолатералниот префронтален кортекс (dlPFC) и постериорниот париетален кортекс (PPC) — делови кои се поврзуваат со математичка способност. Третата група добила лажна стимулација.

Методот што го користеле се вика транскранијална стимулација со случаен шум, кој е ненападен и обично не се чувствува. Секој учесник бил изложен на вкупно 150 минути стимулација во комбинација со математички тестови, во текот на пет дена.

Тестовите мереле способност за решавање на математички задачи и таканаречено „дрил“ учење“ - меморирање формули и равенки без потреба од претходни математички знаења. Истражувачите претпоставиле дека стимулацијата на првиот спомнат дел од мозокот ќе помогне во усвојувањето нови вештини, додека стимулацијата на вториот ќе го олесни меморирањето. Резултатите покажале дека стимулацијата на dlPFC навистина го подобрува решавањето на задачи, но стимулацијата на PPC не придонела за подобрување на меморирањето.

Пред почетокот на тестирањето, била измерена поврзаноста помеѓу фронталниот и париеталниот дел од мозокот - областите каде што се наоѓаат dlPFC и PPC. Оние со посилна поврзаност покажале подобри резултати уште на самиот почеток. Но кај оние со послаба поврзаност, кои добиле вистинска стимулација на dlPFC, се забележало најголемо подобрување.

Интересно е што претходна, помала студија со професори по математика покажала дека стимулацијата кај лица со високи способности дури може да има негативен ефект, бидејќи нивниот мозок веќе функционира оптимално и дополнителниот „шум“ го нарушува балансот.

8 јули 2025 - 15:32