Во различните култури на светот вобичаено вујковците се почитуваат како најблизок род, а во англискиот постои и придавка „авункулар“ (од латинското avunculus - вујко), во смисла на некој што е пријатен и не многу строг, особено кон помладите. И кај нас, на Балканот, постојат траги од „авункулат“ - посебна врска помеѓу вујкото и децата на сестрата, кои го доживуваат како втор татко.
Но еден друг израз кој вклучува вујко во англискиот не звучи баш како комплимент. „Холандски вујко“ се однесува на човек кој можеби оправдано, но сепак премногу остро дели коментари и критики, за наводно да ги образува и охрабри оние околу него.
Потеклото е од 17 век, кога во текот на Англо-холандските војни во англискиот се појавил цел опсег навреди кои вклучувале референца кон Холандија и Холанѓаните. Меѓу нив: холандска храброст (храброст која се должи на тоа колку си испил); „дабл дач“ (дупло холандско, нам познато од песна на Малком МекЛарен, со значење на нешто неразбирливо, глупост); холандска вдовица (проститутка); холандска утеха (велењето дека нештата можат да бидат и полоши); холандско частење (каде поканетиот самиот си плаќа за јадење и пиењето); холандски славеј (жаба) и холандска печка (кога двајца спијат заедно за да се стоплат). Пресмешно.
Помеѓу овие е и „холандски вујко“, за кој додуша постои уште едно објаснување, од 19 век. Алузијата наводно се однесува на трезвеноста која им се припишувала на Холанѓаните кои и денес во туристички водичи се опишани како „практични, директни, тврдоглави, секогаш во право“. За последново додуша имаат јака конкуренција.