Принципот на Парето е познат и како правилото на 80-20. Тоа вели дека во голем број случаи, 80% од последиците произлегуваат од 20% од причините.
Принципот може да се примени во различни ситуации, а неговиот изумител, Вилфредо Парето го открил во контекст на проучувањата на распределбата на богатствата во италијанското општество.
Денес тој е најчесто споменуван во контекст на продуктивноста на работното место - дека 20 проценти од најпродуктивната работа води до најголем успех, а остатокот е практично губење време. Со други зборови, ако вложиме кратко но интензивно време на она што е навистина важно, ова доведува до подобри резултати отколку фокусирање на што е можно повеќе нешта.
Како што обично бива, кога еднаш ќе ја сфатите логиката, принципот ќе почнете да го наоѓате насекаде. Самиот Парето, со анализа на имотни документи, сфатил дека 80% од земјата и богатството во речиси сите земји се контролирани од 20% од луѓето (и ова го кажал во 1906-та). Но и на сосема микро ниво, кога си ја набљудувал градината пресметал дека 20% од насадите грашок даваат 80% од приносот.
На почетокот од 1950-тите, психологот Џозеф Џуран (починал на 103 години во 2008!), ја проширил идејата одејќи до таму што ја нарекол „универзална“. Тој верувал дека 80% од приходот на една компанија доаѓа од 20% од нејзините клиенти, а дека 80% од проблемите во производството се резултат на само 20% можни извори на грешка. Џуран ги спротивставил „неколкуте најважни“ наспроти “тривијално бројните“, со првиот термин означувајќи ги тие неколку витални придонеси кои резултираат со огромен краен ефект, и на оние кои се во голем број а имаат мало влијание. Токму тој и го именувал Парето ефектот, на тој начин оддавајќи му почит на својот претходник.
Дали носите 20% од облеката 80% од времето? Само 20% од луѓето што ги знаете ве инспирираат 80%? Помислете и на други вакви примери и одеднаш сè ќе се претвори во принципот на Парето.