За Ник Дрејк дознавме релативно доцна во нашиот и не така краток досегашен живот, повеќе по линија на „оние кои го слушаат Х го сакаат и Дрејк“, поети со меланхолична диспозиција и музичари со минималистички израз, во случајов со само едно акустично гитарче и, многу ретко, гудачки инструменти.
Потпишал договор со Ајленд рекордс кога имал 20 години и студирал на Кембриџ. Неговиот дебитански Five Leaves Left излегува во1969. До 1972 издал уште два албума, Bryter Layter и Pink Moon. Ниту еден од нив не се продал во повеќе од 5000 копии во времето кога е издаден, а тоа се толкува како резултат на нелагодноста на Дрејк да настапува во живо, и да биде фотографиран или интервјуиран.
Страдал од депресија, веројатно и од шизофренија. По „Пинк мун“ се повлекол на имотот на родителите во Ворвикшир, Англија, и на 25 ноември 1974, на возраст од 26 години, умрел од прекумерна доза антидепресиви. Причината за смртта официјално е самоубиство.
Неговиот постхумен имиџ на „проколнат уметник“ е заслужен за неговата популарност кај меланхолиците од сите географски координати и возрасти. По смртта се проценува дека се продадени скоро 3 милиони албуми и симнувања на неговите песни, и тоа само во САД и Британија.
Иако сите три албуми му се одлични, „Пинк мун“ е ремек дело кое не застарува. Најдобро се слуша во облачни и дождливи попладниња, токму какви што се повеќето деновиве. Ниту една од песните не отскокнува, ниту една не е вишок - целиот албум е една долга но крајно кротка композиција, на човек кој е ранлив но не и мрачен. „Среден прст упатен на музичката индустрија од страна на еден интроверт“, велaт критичарите. Спој на eдвај чуен мек вокал, и стихови, преку кои, ако ги заслушаш, можеш лесно да „отидеш“. Од него - Place to Be
Претходно: Стиховите и музиката на Моли Дреј, мајката на прерано починатиот Ник