Стиховите и музиката на Моли Дрејк, мајка на прерано починатиот Ник Дрејк

Утре (26.5) излегува нов албум на британската фолк група The Unthanks, целосно посветен на песните и музиката на Моли Дрејк, мајката на прерано починатиот и нам драг Ник. Тоа е повод за потсетување на животот на оваа жена, која умрела дваесет години по самоубиството на нејзинот син. На нејзиниот гроб како епитаф стои стих од негова песна.

Моли Дрејк, ќерка на родители кои биле стационирани во Бурма како воени лица, го завршила образованието во интернат во Британија. Додека траела јапонската инвазија на Бурма во текот на Втората светска војна, таа била засолнета кај вујко ѝ во Индија заедно со сестрата Ненси. Музички надарени од деца, двете тинејџерки формирале дует познат како „Сестрите Лојд“, а Моли била водителка и на радио емисија на Сеиндиското радио. За жал ниту една снимка од ова време не е сочувана.

Се омажила со Родни Дрејк на возраст од 21 година, и тоа со многу одложувања, бидејќи нејзините родители инсистирале во брак да влезе полнолетна. Најпрвин се родила ќерката Габриел, а во 1948 и Ник, кој од мајка си добил домашно музичко образование и охрабрување да пишува песни.

Низ тешкиот период додека синот се борел со напади на депресија, поезијата на Моли го отсликувала сето она низ што поминувало семејството, како и нејзината фрустрација од неможноста да му помогне. По неговото самоубиство во 1974, ѝ биле потребни долги години да дојде на себе, а тоа го правела меѓу другото и преку компонирање. Починала во 1993, на 77 години, а е погребана покрај сопругот и синот. На заедничкиот споменик стои епитаф: „И сега воскреснуваме, и сме насекаде“ од песната From the Morning на Ник.

Во 2013, по иницијатива на ќерката Габриел, домашните снимки на самокомпонираните песни на Моли Дрејк, направени помеѓу 1950-1960 беа издадени како албум. Тогаш критиката ги споредуваше меланхолијата и ранливоста отсликана во нејзините песни, со оние подоцнежните на Ник. „Алката која недостасува во приказната на Ник Дрејк - токму таму, во пијано акордите, се корените на хармониите во неговите песни“. Песните на Моли се само во пијано придружба и се многу кратки, некои само до една минута, повлијаени од популарната музика на тоа време, особено од сентименталните балади. Сепак, тие се оригинални во нивната мешавина на тага и интимност.

Утре (26.05) официјално излегува албумот на групата Unthanks, „Песни и стихови на Моли Дрејк“, чии преработки се опишани како „природно легнати“ на оригиналните песни, меѓу другото и заради тоа што вокалистките на овој бенд се сестри со гласови нежни како оној на Моли. Тоа е уште едно потсетување на оваа жена, чие присуство во музичката историја е тивко, но моќно.

Molly Drake - Happiness

Happiness is like a bird with twenty wings
Try to catch him as he flies
Happiness is like a bird that only sings
When his head is in the skies
You can try to make him walk beside you
You can say the door is open wide
If you grab at him, woe betide you
I know because I've tried
Like a butterfly upon an April morning
Very quickly taking fright
Happiness is come and gone without a warning
Jack-o'-lantern in the night
I will follow him across the meadow
I will follow him across the hill
And if I can catch him I will try to bring you
Why yes, happiness
If I can catch him I will try to bring you
All my love and happiness
.

The Unthanks - I Remember (2017)

25 мај 2017 - 10:25