Даг Блок, режисер на документарци и снимател по свадби, е син на Мајк и Мина, навидум обичен пар, кој по ништо не се разликува од другите американски двојки родените во 1920-тите. По завршувањето на Втората светска војна и враќањето на Мајк од фронтот, тие се населуваат во Порт Вашингтон на Лонг Ајленд, и продолжуваат да придонесуваат за поствоениот развој на земјата преку трите деца, и семеен живот типичен за американската култура на педесетите. Според таа матрица сопругата останува дома со децата движејќи се во тесниот социјален круг на жените од нејзината генерација, кои не излегуваат подалеку од предградието каде и живеат, додека мажот е оној кој има можност, и право, да се социјализира, но и да биде строгиот и емоционално студениот во домот.
Така се присеќаваат на нивниот заеднички живот Мина и Мајк на прославата на педесетгодишнината од нивниот брак, која Даг одлучува да ја сними на камера, како што самиот вели „за спомен на идните генерации". Но наскоро документарецот ги надминува овие амбиции,и прераснува во неочекувано и болно соочување со вистината за бракот на неговите родители, за нивните најдлабоки копнежи, стравови и желби, закопани длабоко под општествените конвенции.
Набргу по годишнината се случува пресврт - Мина ненадејно умира, како резултат на компликации од пневмонија. Сите се потресени, освен нејзиниот сопруг, кој прилично смирено го прифаќа овој факт, и после само неколку месеци се жени со неговата некогашна секретарка, со која работеле пред точно 35 години!
Неговите три деца, Даг и двете сестри, се затекнати. Од една страна, тие се среќни што татко им продолжува со животот, и што полека се отвара, на начини на кои никогаш не бил. Но од друга страна се некако навредени, што тој толку бргу и без скрупули ја заменил нивната мајка со друга. Даг наоѓа сила и продолжува да комуницира со таткото преку дигиталната камера, обидувајќи се да надомести за недостатокот на разбирачка во минатото. Иако не кажува многу, стариот сепак соработува, и смирено одговара на секое од прашањата на синот поставени пред камера.
Набргу следи уште еден шок - таткото и новата невеста ја продаваат семејната куќа. Средувајќи го купот предмети, кои главно завршуваат во големи ќеси за ѓубре, тие наидуваат на дневници кои Мина ги водела секојдневно, во текот на десетици години, а како резултат на психотерапија на која во еден момент се подложила, незадоволна од сопствениот живот и во потрага по начин да се издише, и на хартија да ги пренесе нејзините најдлабоки чувства.
Даг, без и најмала дилема, ги чита овие дневници, но наскоро почнува да се кае. Прилично неподготвен за она што го очекува, тој се соочува со длабока тага, незадоволство, на моменти и очај на мајка му, која очигледно останала во тој брак од што во нејзино време тоа едноставно требало да биде така. Единствена радост ѝ биле семејните патувања, разговорите со психотерапевтот и некоја краткотрајна врска со извесен семеен пријател. Додека таа така се мачела, мажот ѝ изгледа имал доста авантури, меѓу кои по се изгледа и со неговата нова жена.
Во светлината на сознанијата од дневникот и изјавите на мајката на Даг дадени за документарецот дур била жива делуваат сосема поинакви. „Сакаш да чуеш директни нешта? Ништо и никогаш не е директно. Кружно е. Кружи на многу непредвидлив начин", вели таа во една сцена од филмот, алудирајќи на релативноста на вистината за нив и нивното семејство.
Филмот завршува со напуштањето на семејната куќа и оддалечувањето на автомобилот на новите сопружници кои заминуваат да живеат на Флорида во далечината. Тие, на свои осумдесет и кусур, се свртени кон иднината. Даг, кој останува со камерата во мракот, е целосно проголтан од минатото, со кое сигурно ќе се бори уште некое време.
Филмот е толку силен што прави и вие да се запрашате - дали сакам да знам за минатото на моите родители? Дали тоа ќе ме направи подобар или полош човек? Можеби за некои работи незнаењето е навистина благослов. Да се чепка, да се дознае, да се открие, да се знае. Овие аспирации делуваат крајно ризично во светлината на семејните, а богами и пријателските односи. Дали е подобро кога се во прашање силни емоции трупани со години тие никогаш да не ја ослободат својата енергија, или сепак тоа да го направат, макар и доцна да го најдат својот мир?
Кој знае.