50 години од „Емануела“ - култниот филм што лошо остаре

Во Франција на 20.09. излезе нова верзија на славниот филм од 1974, режиран од Одри Диван, која претходно доби Златен лав во Венеција за моќната драма за абортус, „Хепенинг“. Ако сексуалните авантури на Емануела треба да се пре-раскажат, тоа е затоа што за половина век нештата во областа на сексуалноста се имаат драстично променето. Не самиот секс де, туку социјалните и идеолошките матрици поврзани со него. 

Режиран од Французинот Жаст Жекин, со холандската актерка Силвија Кристл како Емануела, истоимениот филм (базиран на роман од 1967) ја следеше 19-годишната сопруга на француски дипломат при нивна посета на Тајланд. Сите жители, без оглед дали се локалци или странци, изгледаа затегнати ко  пушка и подготвени за секс во секое време. 

Снимен во „сфумато“ - маглив и мек фокус, тој прикажува сцени кои не се секогаш „консензуални“ и од денешен ракурс би биле скандалозни. Во една сцена таа е силувана во опиумска крчма, но потоа брзопотезно повторно има секс со маж кој ги освојува нејзините симпатии во тепачка. Во 2009, самата Кристл изјавила: „Не можам да кажам дека тоа е баш брилијантен филм“.

Без оглед што и на времето голем број критичари се согласиле со неа, филмот бил комерцијална сензација, продавајќи само во Франција неверојатни девет милиони билети. Ова и покрај тоа што на почетокот бил забранет додека не била избрана новата француска влада во 1974. Истото се случувало во Европа, САД, Јапонија. Следеле неколку продолженија, а во некои од нив глумела и самата Кристл. Филмот станал некој вид културно наследство на Франција, па туристи со автобуси биле носени кај Ајфеловата, кај Триумфалната и на проекција на „Емануела“. Едно кино на Шанзелизе постојано го прикажувал филмот до 1986. 

Секако, за неговата популарност придонела ерата на слободна љубов и контрацептивите. Во 1975, една година по премиерата, абортусот станал легален во Франција. И покрај тоа што две години претходно хит бил и „Последното танго во Париз“, „Емануела“ содржел поширока лепеза теми, како мастурбација, секс со непознати и со повеќе партнери одеднаш. Истовремено, филмот бил рекламиран како по „фенси“ вид порно, арт хаус еротика, со мотото „Х каков што не сте гледале“, одделувајќи го од другите филмови од еротскиот жанр означени со Х. Во некои земји, на пример во Јапонија, е сфатен како феминистички, поради сцена каде Емануела се качува врз сопругот - тоа е моментот кога Јапонките станувале во кината и аплаудирале. 

Денес додуша многумина би се согласиле дека филмот го нема издржано тестот на времето. Во него има голем број нешта кои се проблематични - од начинот на прикажување на Тајланѓаните како анонимни слуги, тепачи и силувачи, па до третманот на Емануела како сексуален објект. Пoвеќето од нејзините партнери се доминантни постари мажи кои ја искористуваат, а на крајот од филмот има групна сцена на силување. 

Дали новата верзија, режирана од жена, ќе може да ги прикаже нештата од друга перспектива. Сепак, тоа ќе биде сосема нов филм, кој нема да го смени фактот дека половина век Емануела е еротски секс симбол. 

извор

1 октомври 2024 - 08:43