Роџер Кит „Сид“ Берет, „кумот“ на Пинк Флојд, гитарист, вокал и главен песнописец на бендот, до моментот кога него го заменува Гилмор. Автор на песни на нивниот дебитантски албум од 1967, The Piper at the Gates of Dawn, и само на една од вториот, кој излегол на денешен ден, 29 јуни 1968.
Познат по иновативните гитарски солоа, истражувањето на експериментални техники, како дисонанца и дисторзија, и нагласениот британски акцент во пеењето. Излегувањето од групата се должело на неговото чудно однесување кое започнало уште пред снимањето на Сосерфул - депресија, халуцинации, дупки во меморијата, интензивни промени на расположенијата и периоди на кататонија , најверојатно предизвикани од употреба на психоделични дроги. Во текот на британската турнеја со Џими Хендрикс во ноември 1967, гитарист од друг бенд често пати го менувал Берет кога овој не можел да свири или кога едноставно не можеле да го најдат.
Сите овие перипетии се детално опишани во книгата Saucerful of Secrets: the Pink Floyd Odyssey (1992) од Николас Шафнер, првата детална биографија на оваа прилично интровертна група, во чиј центар е токму ликот на Сид Берет, чиј распад како личност во неа се оценува како „една од најголемите трагедии во рок историјата“.
Иако и по разделувањето со Пинк флојд тој има издадено албуми со своја музика, сепак периодот со овој бенд е најзначајниот за неговата кариера. Неговите колеги пак му ја посветуваат антологиската Shine on you crazy diamond со стиховите:
Remember when you were young, you shone like the sun.
Shine on you crazy diamond.
Now there's a look in your eyes, like black holes in the sky.
Shine on you crazy diamond.
Последниот албум на Сид со Пинк Флојд не е лесен за слушање, но има некоја бајковидна (некогаш страшна, некогаш весела) атмосфера која добро легнува на вакво време, на пример на тераса или во двор на зајдисонце.