40 години од смртта на Бранко Ќопиќ: „Бев неколку чекори зад него кога се фрли од мостот“

Помладите веројатно не го знаат, освен ако негова книга не останала на рафтовите на домашната библиотека. Беше еден од славните имиња на југословенската книижевност, но замина трагично, токму на денешен ден, 26 март 1984. Досега знаевме дека е во прашање самоубиство, но еден документарец ни ги открива и деталите.

На денешен ден, 26 март 1984, Бранко Ќопиќ излегол од својот стан во Белград и се симнал до Бранковиот мост на Сава. Ѝ го свртел грбот на зградата на Централниот комитет, ја прескокнал оградата и удрил со главата во бетон. Неговото  самоубиство фрла мрачна сенка над богатото дело. 

Со себе однел голем број прашања. На трагичниот крај на обожаваниот народен писател, роден во Хашани кај Босанска Крупа, му претходела извонредно богата книжевна кариера. Сепак, тој пишувал и сатирични дела кои понекогаш се коселе со владеачката идеологија на СФРЈ, што му донело низа проблеми со властите, иако бил припадник на партизанското движење. 

Најголеми осуди му донел текстот „Еретичка приказна“ (целиот достапен тука), објавен во тогашниот сатиричен весник Јеж, во кој генерал, помошник министер и „некоја крупна ѕверка од крупна установа“, со своите сопруги и свастики уживаат во вила на море, градена за време на „старата, скапаната, ненародна Југославија“. Јосип Броз му порачал дека такво нешто нема да дозволи да се продава, но дека писателот нема да биде уапсен. 

Сепак, ова влијаело психолошки врз Ќопиќ, кој паднал во депресија. Последните два часа од животот на тој 26 март е опишан во документарецот „Моја малечка од Босанска Крупа“ на режисерот Пуриша Ѓорѓевиќ. Приказната се заснова на трогателното сведочење на Момчило Среќковиќ од село близу Обреновац, кого Ќопиќ и неговата жена Богданка како момче го школувале во Белград. 

„Бранко ми се јави на телефон околу два попладне да дојдам итно, затоа што има нешто важно да ми каже. Вeднаш тргнав за Белград, а кога пристигнав тој веќе не беше дома. Цица ми кажа дека е во депресија и дека седи во паркот. Го најдов на клупа, не ја вртеше главата, само ми рече: Тажен сум, брат. Добив нов повик за полициско сослушување, сакаат да ми ја соголат кожата. Но нема веќе да ми го загорчуваат животот. Го затворам 'дуќанот', а тебе ти ги оставам клучевите да ги фрлиш во Сава“.

Потоа предложил да се прошетаат. Бранко зборувал многу и брзо, и така стигнале до мостот именуван по поетот Бранко Радичевиќ - тој сакал да му ја покаже камената клупа на која ја минал првата ноќ во Белград. Како што бил навален, наочарите му паднале. 

„Потрчав по скалите да ги најдам, а кога се вратив, Бранко веќе го немаше. Се вртев низ мракот, а тој веќе имаше минато половина мост кон Нов Белград. Трчав и го викав, но од камбаната на Соборната црква која токму тогаш биеше не можеше да ме слушне. Она што ми остана во најстрашен спомен е што стигнав десет чекори зад него кога видов како се навалува кон металната ограда и исчезнува. Бев во шок, истрчав долу речиси без свест. Бранко лежеше во локва крв, а очите му беа ширум отворени..“.

Момчило за малку ќе одговарал дека можеби го турнал писателот, но Богданка-Цица во лимена кутија во која чувала шпенагли нашла проштално писмо. Тоа завршува со: „Збогум убав и страшен животе!“.

26 март 2024 - 15:39