21 февруари 1886. Ден кога била одржана бостонската трка во словослагање, која требала да покаже кој е најбрз од најбрзите словослагачи во регионот. По исцрпувачки натпревар кој траел цела недела, победил извесен Џорџ Греам, а во финалето влегле уште тројца опоненти.
Но дали Греам бил навистина најбрзиот?
Бостонската трка, како и поголемиот дел од печатарската индустрија, ги исклучувала жените. За нив имало посебно, само женско натпреварување. Дури ни Бостонскиот типографски синдикат не прифаќал жени-членови. Но иако женската трка требало да биде само симпатичен додаток на главниот настан, три од четирите жени кои се натпреварувале тој февруари ги надминале резултатите на сите машки кандидати.
Иако не учествувале во печатењето на весници, тие сепак наоѓале работа кај книжевните издавачи или во помали печатарски работилници. Но да се каже дека словослагањето било „работа“ всушност е непрецизно, бидејќи тоа всушност личело на спорт. Брзото словослагање станало популарна и добро наградувана способност. Во 1881, на пример, Томс С. Леви добил 1000 долари на еден таков настан, еквивалент на денешни 30.000. Што не е лошо за еднодневно сортирање „м“-иња, стандардната едицина мерка, именувана по латинската буква м, најшироката во абецедата. Во просек еден словослагач можел да нареди до 800 „м“-иња на час. Но имало и толку брзи словослагачи што рушеле рекорди. Џорџ Аренсберг, наречен Брзопотезниот, во 1870 за еден час наредил неверојатни 2064 букви.
Како што словослагањето станувало спорт, така било потребно да се дефинираат правила, па Меѓународната типографска унија развила и таков прирачник. Словослагањето станало атракција и во баровите, заедно со билијардот, боксот и трките со велосипеди. Трките се одржувале дури и во тн. „дајм“ музеи, места за разонода и рекреација на работничката класа.
Имињата на жените кои победиле во гореспоменатата трка, која исто така траела цела недела, биле госпоѓица Кени, госпоѓица Вајт и госпоѓица Френсис. Всушност нивниот резултат бил подобар од мажите по само дваесет минути од трката, а потоа истиот само го надминувале. Ова поттикнало дискусија за местото на жените во типографската индустрија, по што спомнатата Меѓународна типографска унија ги отворило своите врати и за жените во оваа област.