Максимилијан Ших (Maximilian Schich), историчар на уметност од Универзитетот Тексас во Далас, ја искористил Freebase, Гугл база на познати луѓе, места и предмети, и собрал податоци за 150,000 значајни уметници и културни „дејци“ - поети, сликари, актери, политичари, свештеници, па дури и колекционери на антиквитети - кои живееле во текот на долгата западна историја (од 600-та година п.н.е. до 2012). За илустрација, предвид се земени ликови од типот на Солон, грчкиот правник и поет, кој се родил во Атина а умрел на Кипар, до Џет Траволта, син на Џон, кој се родил во Лос Анѓелес, а умрел на Бахамите.
Ших и неговите колеги потоа со сино ги мапирале местата на раѓање, а со црвено местата каде овие луѓе умреле, и го трасирале нивното движење низ време и простор. Резултатот е петминутна анимација, која покажува како се селеле големите културни центри на Западот - сите патишта во оваа смисла не водат кон туку од Рим, па до Париз (во 17. век), и Њујорк и Лос Анѓелес во најново време.
Видеото е само илустрација на подолг текст објавен во списанието Science (за којшто за жал е потребна претплата). Еден од интересните резултати на истражувањето е дека иако се работи за анализа на мал процент од населението кое припаѓа на специфична социјална ниша (образовани и талентирани луѓе кои се занимавале со фини работи), податоците сепак укажуваат на некои миграциски трендови.
Еден од нив е прилично неочекуван - дека овие луѓе, а веројатно и луѓето воопшто, не се селеле премногу далеку од дома, а дека тие тоа не го прават дури ни во 21. век. И покрај напредокот на технологијата и превозните средства, ни денешните уметници не работат географски многу далеку од нивните места на раѓање, односно процентот е речиси ист како и во 14. век. Просечната оддалеченост помеѓу местото на раѓање и она каде некој умира не се ни удвоило во тек на 400 години (пораснало од 214 километри на само 381). Во случаите пак кога оддалеченоста е поголема, тоа главно се должи на големи историски настани (војни, природни катастрофи).
Видеото е најнова примена во една област која доживува огромен подем, а се состои во користење визуелизации за да се пронајдат закономерности и трендови во комплексни групи податоци. Секако, веднаш се најдоа критичари кои го спорат терминот „западна култура" и списокот на имиња на оние кои излегува дека се нејзини носители. На ова истражувачите одговараат дека наскоро се планираат мапи кои ќе го документираат протокот на идеи и луѓе во други културни контексти.