Насловот на текстот е „Преминување на границите: кон трансформативна херменевтика на квантна гравитација“, a aвторот е Алан Сокал, професор по физика на Њујорк Јуниверзити. Објавен е во 1996 во „Социјален текст“, академско списание посветено на постмодерни културолошки студии. Неговото поднесување всушност било експеримент за да се тестираат механизмите на заштита на ова списание од објавување глупости, или попрецизно, „дали водечко северноамериканско списание за културолошки студии, чиј уреднички одбор вклучува славни личности, би објавило статија намерно зачинета со бесмислици, доколку а) таа звучи добро и б) оди во прилог на веќе востановените идеолошки концепции на уредниците“.
Текстот, кој на неупатените во природните науки може да им изгледа „учено“ поради спомнувањето на Евклид или Ајнштајн, користење формули и термини како „морфогенетско поле“, има 109 фусноти, како и огромен список на референци. Но и покрај високопарноста на нешто што изгледа како асли научен текст, тој е намерно направен таков - да цитира имиња на извикани постмодернисти и да содржи доволно количество соодветен жаргон - за да ги помине и онака не многу чуваните порти на списание кое се фалело со своите либерални левичарски идеи. Во тоа време тоа немало надворешни рецензенти (пир-ривју) бидејќи се сметало за поле за „отворена интелектуална дебата“ која не треба да биде ускратувана на ниту еден начин.
Во мај 1996 во друго списание, „Лингва франка“, во текст под наслов „Физичар експериментира со културолошки студии“, Сокал ја открива местенката, што поттикнува лавина дискусии и критики кон сите инволвирани, вклучително и кон моралната исправност на неговата постапка. И денес, 25 години подоцна, неговиот гест е и храбар и крајно комичен. Но истовремено, тој создава морничаво чувство - дека нешто што во тоа време било скандал, денес е нешто повеќе или помалку вообичаено: идејата дека науката е само еден од валидните „начини на здобивање знаење“, дека западниот рационализам е „идеолошки корумпиран“, дека „твојата вистина“ е одредена од полот или од бојата на кожата, сето ова се ставови кои се промовираат и во академски списанија и во медиумите и влијаат врз „обичниот“ човек на повеќе полиња - од сфаќањето на сопствената историја до безбедноста на вакцините.
Статијата на Сокал се споредува со рачна граната фрлена среде една од најголемите интелектуални дебати од 1990-тите која стана позната како „Војна на науките“ (асоцијација на „Војна на ѕвездите“). Претходните две децении постмодерните идеи биле хит во елитните академски кругови, а интелектуалците во нив го деконструирале сето она што можеле да го замислат. Западните институции, вклучително демократијата и владеењето на правото, биле сметани за обични фасади кои ги штитат привилегиите на моќните. Најбазичните факти за нашиот свет биле прогласени за социјални конструкции, односно за нешто што не е дадено и универзално, туку за што можеме да се договориме поинаку. Дури и методите и откритијата на базичните науки биле прогласени за идеолошки оружја кои наметнуваат економска и социјална опресија. Но истовремено, постмодерните мислители сакале да зајмат научни концепти и терминологија. Тие сакале својот начин на мислење да го опишуваат како „научен“, но го вршеле на повисока интелектуална рамнина отколку „заостанатите“ истражувачи кои користеле надминати пристапи како - научниот метод.
Иако самиот се опишувал како левичар, Сокал сфатил дека на овој начин е доведена во прашање содржината и методологијата на цела модерна наука - и астрономијата, и хемијата, а да не зборуваме за биологијата, психологијата и медицината, сите тие биле наводно повлијаени од „патријархална, капиталистичка и колонијалистичка идеологија“. Тој почнал да ги анализира постмодерните статии кои се однесувале на полиња кои тој најдобро ги познавал, математика и физика. Дури и некои од славните ликови во овие области почнале да зборуваат нешта кои според Сокал биле бесмислици. Оттаму и неговиот мотив да ги удри со нивен камен по нивна глава - со истиот речник и со истиот претенциозен (и тотално нејасен) пристап да ги прикаже нивните интелектуални стандарди онакви какви што навистина биле. На текстот работел со месеци, го ревидирал додека не го постигнал посакуваното ниво на неразбирливост, но и додека не вклучил доволно јадици за „прогресивците“, кои од морето зборови сигурно би се фокусирале на термини како „пост-просветителска хегемонија“ или „идеологија на доминација затскриена зад фасада на ’објективност’“.
Во 2017 професорот по филозофија Питер Богосиан и Џејмс Линдси, математичар, напишаа и објавија намерно бесмислен текст „Концептуалниот пенис како социјален конструкт“. Повторно пародизирајќи го постмодерниот жаргон, тие тврдеа дека, на пример, ширењето нозе при седење (менспрединг) е слично на „силување на празниот простор околу мажот“. И одеа дури и до таму да тврдат дека глобалното затоплување е концептуален резултат на - пенисот. Текстот е прифатен од рецензирано списание, и историјата се повтори. Но овој пат со малку пострашни резултати - Богосиан по ред „испади“ (од аспект на „разбудените“) пред некое време поднесе оставка на својата позиција на Универзитетот Портланд, бидејќи колку што повеќе зборувал за не-либерализмот што го голта универзитетот толку повеќе се соочувал со одмазда (целото негово писмо тука). И ова не е изолиран пример. Иако делуваше дека Сокал победил во својата битка, две и пол децении подоцна, изгледа дека тој ја загубил војната.