Моно но аваре 物の哀れ (јапонски)
„Сета“ или чувствителост во однос на минувањето на времето и краткоста на животот. Искуството често е поттикнато од некаква загуба која нè натерала да се замислиме околу фактот дека сè има свој крај.
Депите, dépité (француски)
Разорачување, од љубов или од друг вид одбивање. На граница на лутина и гнев, но повеќе на страната на тагата.
Коев ли халев, כואב לי הלב (хебрејски)
Вид емпатија, која предизвикува физичка болка. Ако не можете да гледате како блиски или непознати луѓе страдаат, затоа што се внесувате во нивната несреќа до степен на идентификување со неа, тогаш ова е терминот за вас.
Ватџилпа (јазик на абориџински народ од централна Австралија)
Истражување на депресија кај Абориџините во Австралија покажало дека кај нив не постои еднозначен речник за опишување на клиничките симптоми на оваа болест. Сепак, преку интервјуа се открило дека постои концепт кој опишува чувство на отуѓеност од семејството и заедницата, нешто слично на носталгија но многу подлабоко. Сличен е и изразот кулини-кулини, кој означува „пренагласена и повторлива грижа“, или „премногу мислење“.
Хи фун ку гаи, ひふんこうがい (јапонски)
Правична лутина, фрустрација и очај од ситуација која изгледа ужасна и како да не може да се промени.
Лебенсмуде, Lebensmüde (германски)
Германскиот содржи голем број живописни зборови за чувства, што целосно го разбива глобалниот стереотип за Германците како безмилосно ефикасни и бесчувствителни. Овој збор буквално се преведува како „животоуморен“, и може да значи преземање големи ризици и необрнување внимание на последиците, или просто навлезеност во длабока, физичка состојба на рамнодушност.
Винтерсириг, wintercearig (староанглиски)
Буквално - „зимска грижа“, но тука не станува збор за тн. сезонско афективно нарушување, туку е метафора за силата на твојата тага - толку силна и бескрајна, како зимското студенило (во Англија).
Госех, غصه (фарси)
Тага, но повеќе во физичка смисла, како чувство на празнина во градите.
Танте, 忐忑 (кинески)
Нервоза или постојана вознемиреност, состојба на грижа во која сетилата се толку надразнети што можеш да си го почувствуваш чукањето на срцето.
Тоска (руски)
Според Набоков, „ниту еден збор на англиски не може да ги долови сите нијанси на ’тоска’. Тоа е чувство на длабока духовна вознемиреност, често без одредена причина. На помалку морбидни нивоа, тоа е душевна болка, копнеж по нешто што го нема, болно тежнеење. На најниско ниво се граничи со здодевност“.
Стенахориа, Στεναχώρια (грчки)
Грижа, тага, вознемиреност. Се состои од зборови кои означуваат стеснет простор, како чувство на клаустрофобичност кога си заглавен во сопствените мрачни мисли. Поврзан со глаголот стенахоремо, „се гушам“, буквална физичка реакција на длабока тага.