Јужноафриканската уметница Кендис Брајц (Candice Breitz) во 2017 објавила јавен повик за возрасни мажи кои би сакале да ја испеат „Јас сум твојот човек“ (I'm Your Man) на Леонард Коен, од неговиот истоимен албум од 1988.
Но ова не бил единствениот услов. Најважна била пријавата од 10 страници, во која кандидатите требало да ја објаснат улогата на Коен во нивните животи. Бидејќи проектот бил нарачан од Музејот на современа уметност во Монтреал, градот на Коен, имало и такви кои и лично го познавале или се сретнале со него. Еден од нив, Фергус Кис, ја опишал средбата со Коен во 1984:
„Ми рече дека му се допаѓа моето име. Праша дали може да го употреби во некоја идна песна. Реков ’да’ и тој го запиша името во својата мала тетратка. Му реков дека понекогаш не разбирам што кажува. Ми кажа дека нема погрешен начин на толкување, затоа што тој пишува за другите, и како и да го сфатиме тоа, ние сме во право“.
Во видеото кое е дел од поширок проект, има и ликови кои се трудат и да изгледаат и да звучат како Коен, но и дефинитивно многу поразлични од него. Има и федори, и одела, и маици со неговиот лик, но и елегантни памучни наметки и плетени елечиња. Нема музика, па учесниците го одржуваат ритамот со раце, нозе, со свиркање, а еден постар човек удира со бастунот по под. Најпрвин се снимени нивните соло настапи додека ја слушаат оригиналната композиција на слушалки, но со подоцнежна монтажа тие стануваат дел од а capella хор.
Целиот проект ги инспирирал учесниците и по неговото завршување да продолжат да се собираат и да пеат песни од Коен, и така станале членови на нешто што еден од нив го опишува како „коеново братство“.