Роден на 2 март 1900, како син на кантор (водач на хор) во синагогата во Десау, Курт Џулијан Вајл го изучил композиторскиот занает во Берлин, а учител му бил Феручио Бузони. Пресврт во неговата кариера се случил кога бил ангажиран во тандем со Бертолд Брехт, со кого ги создале антологиските „Опера за три гроша“ и „Подемот и падот на градот Махагони“. Политичките и авангардни идеи на Брехт добро се вклопувале со музичките иновации на Вајл, а обајцата биле револуционерни духови кои се нашле на вистинското место, во вистинското време.
Но во 1933, еврејскиот композитор морал да се исели од Германија, најпрвин во Париз, а подоцна, со својата сопруга, пејачката Лоте Лења, за Њујорк, по што станал американски државјанин.
Траумите од егзилот го натерале Вајл да одбива да зборува германски дури и со жена си. Њујоршката музичка и театарска сцена топло го примила, па наскоро се етаблирал како композитор на Бродвеј. Најуспешните мелодии од овој период, „Мек Ножот“ (Mack the Knife), „Зборувај тивко“ (Speak Low) и „Септемвриска песна“ (September Song), доживеале толку многу обработки што многумина не ни знаеле кој е нивниот автор.
Вистинската популарност овие песни сепак ја постигнале по смртта на Вајл во 1950, кога „Операта за три гроша“ била поставена оф-Бродвеј, а една од главните улоги ја играла неговата вдовица, Лоте. Тогаш на продуцентот Џорџ Авакијан му паднало на памет да направи и џез верзија на баладата од операта Die Moritat von Mackie Messer, попозната во англискиот превод, како „Мек Ножот“. На првата снимка пее Лоте со стихови на германски, но следната е со легендарниот Луј Армстронг (патем, роден истата таа 1900-та како и Вајл). Неговата верзија станува огромен хит, а тој во стиховите во редот на жртвите на убиецот Мек ја вбројува и Лоте, како необичен начин на оддавање почит кон неа и нејзиниот тогаш веќе починат сопруг.
Sukey Tawdry, Jenny Diver, Lotte Lenya, sweet Lucy Brown
Oh, the line forms on the right, dears
Now that Macky's back in town
Речиси и да нема џез ѕвезда која не изведувала композиции од „песнарката“ на Вајл - Ела Фицџералд, Сара Вон, Бени Гудман, Тони Бенет, Сони Ролинс...Во 1985 излезе трибјут албум „Загубен во ѕвездите: музиката на Курт Вајл“ на кој негови композиции изведуваат Стинг, Лу Рид, Том Вејтс, Чарли Хејден и други. Неговото музичко наследство и денес инспирира, иако освен најпопуларните мелодии не е целосно познато. Тоа се обидуваат да го променат организаторите на традиционалниот Курт Вајл Фест во Десау, кој оваа година се одвива по 28-ми пат, од 28 февруари до 15 март.