Една вечер во 1937, тинејџер по име Чарли Паркер застанал во ред музичари кои чекале да настапат во клубот Рино во Канзас сити. Сите имале трема затоа што ѕвезда на вечерта бил Џо Џонс, тапанар во оркестарот на Каунт Бејзи, еден од најголемите свинг бендови во Америка. И токму со него требало да покажат што знаат.
Чарли имал само 16 години. Свирел според сопствен метод, користејќи скали кои ретко биле дел од џез мелодиите, а за оваа прилика купил и нов инструмент, саксофон од марката Селмер. Кога конечно му дошол редот, почнал со рефрен од I Got Rhythm на Гершвин, но откако сите сфатиле за која песна станува збор почнал неочекувано да импровизира. Ама малку се преценил, па едно време ја загубил и мелодијата и ритамот. Џонс запрел со свирењето а Паркер замрзнал, стискајќи го во рацете новиот саксофон. Џонс со презир му фрлил чинела пред нозете, што било проследено со смеење и навреди од публиката.
Рос Расел, биографот на Чарли Паркер, го прикажува финалето на оваа сцена по малку филмски - како Чарли го напушта клубот велејќи си себеси „Ќе се вратам“.
Не само што се вратил, туку тоа го сторил во голем стил. Паркер, со прекар „Брд“, денес го сметаат за Бах на џезот - инстинктивен мајстор на комплексни хармонии, кој стана симбол на бит поетската генерација на доцните 1940-ти и раните 1950-ти. Кога умрел на само 34, меѓу другото од различни зависности, графити уметниците испишале „Брд живее!“ на ѕидовите на Харлем.
Бил водечка фигура во развојот на бибоп, форма на џез која се карактеризира со брзо темпо и виртуозна техника, а еден од револуционерните моменти во модерниот џез се смета неговото учество во септет кој го вклучувал и Мајлс Дејвис. Со него во март 1946 ја снима „Суитата на Јардбрд“.
Набргу потоа неговиот дилер би уапсен, па Паркер преминал од хероин на џин. Бил примен во психијатриска болница каде минал шест месеци, но во 1947 се вратил во студио во полна сила. Toгаш е снимена „Гнездото на Брд“ (или Птичје гнездо), уште една композиција која содржи игра на зборови со неговиот прекар.
После неколку кризи, и обид за самоубиство, на 12 март 1955 починал во домот на баронесата Паноника де Кенигсватер (моминско Ротшилд), покровителка на џез музичарите. Во чест на 100-годишнината од неговото раѓање, може повторно да се погледне филмот „Брд“ на Клинт Иствуд, каде него го игра Форест Витакер.