„Едно утро, кога Грегор Самса се разбуди од мачните соништа, се најде преобразен во својот кревет во ужасна гадинка" - вака почнува расказот на Кафка, објавен во 1915. Toj всушност бил напишан уште есента 1912, но преговорите со издавачите биле комплицирани, а и атмосферата - почетокот на Првата светска војна - придонела за одложувањето. Конечно „Преобразба" излегол во октомври 1915, во авангардниот месечник Die Weissen Blätter, за по два месеци да биде објавен и во посебна книшка.
Зошто и по сто години овој расказ се уште привлекува внимание? Тоа да легнеш како човек, а да се разбудиш како нешто друго е истовремено ужаснувачка, но во верзијата на Кафка и смешна работа. Иако Грегор по преобразбата лежи во креветот со шест нозе и тело на инсект, тој сепак претпоставува дека не може да пушти глас заради болки во грлото, професионално заболување на неговата професија - патувачки трговец.
Ваквиот свет, во кој се е истовремено и мачно и некако апсурдно смешно и спротивно на секојдневната рутина, често е нарекуван „кафкијански", иако според Итало Калвино овој термин се слуша „речиси на петнаесет минути, применет на сè и сешто". Подлабоко сфатено, „кафкијанско" чувство е она кога поединецот станува жртва на моќни неперсонализирани сили, кои откако не може да ги надмудри почнува да ги доживува како неизбежна судбина.
Иако Кафка во текот на животот не доживеал слава, во 1915, токму во времето на објавувањето на „Преобразба" неговиот колега драматургот Карл Штернхајм, добитник на престижната награда Теодор Фонтеј, му ги доделил парите токму нему, во знак на писателска почит (дека денес некој би се откажал од парите од Букер или од Нобеловата за да ја даде на колега-конкурент е незамисливо)
Најмистичното и најтешко преводливо место за оние кои се занимавале со „Преобразба" е токму споменатата прва реченица, во која не е сосема јасно во што точно се претворил Самса. Преводите велат „некој вид монструозна гадинка", други „гигантски инсект", трети „огромна бубашваба". Најголемо внимание на овој и не толку банален детал посветил Владимир Набоков, кој предавал за делото на Кафка на Универзитетот Корнел, но бил и страствен „пеперуткар". Имајќи ги предвид бројните мали нозе, кафената боја и конвексноста на стомакот, тој заклучил дека Самса се претворил во - „голема бубачка". Сепак, во преписката со неговиот издавач Кафка замолил на корицата никако да не се става цртеж од инсект, оставајќи им простор на читателите да си замислат за што се работи.
Најголемиот број аналитичари на „Преобразба" сепак сметаат дека оној којшто е инсект, во морална смисла, во расказот се всушност членовите на семејството Самса, кои се гадат и срамат од тоа што му се случува на нивниот син и брат. „Не сакам да го нарекувам ова чудовиште мој брат, сè што можам да кажам е дека треба да се обидеме да се ослободиме од него". „Грегор е човечко суштество преправено во инсект, а неговото семејство се инсекти преправени во луѓе", заклучува Набоков.
Целиот расказ на англиски тука
Балет направен според расказот, за кој пишувавме тука