Зима е. Тапа е.

Зимата е долга. Зимата е тажна. Зимата е долга и тажна. Во овие куси зимски денови и долги зимски ноќи (што главно ги преспивам) имам плитки и непрокопсани мисли што не се многу паметни ниту убави. Тешко да ги омажам.

Зимата е долга. Зимата е тажна. Зимата е долга и тажна. Во овие куси зимски денови и долги зимски ноќи (што главно ги преспивам) имам плитки и непрокопсани мисли што не се многу паметни ниту убави. Тешко да ги омажам. Сепак, заради одржување на континуитетот во бавчата, да споделам некои од нив, па кому иде...


1. Размислувам за доброто и лошото. Што е добро? Значи, добро е:
• Да си здрав во умот и да немаш секирации.
• Да имаш кој да ти донесе лимони кога си болен.
• Да не го гледаш лошото во луѓето, оти ако го препознаваш лесно – лош си и ти.
• Да имаш добри кондури за лошо време, две нозе за одење, две раце за фаќање, две очи за гледање, една жена за сакање и носот да не ти е затнат.
• Да можеш да заспиеш во декември и да се разбудиш во април... значи, добро е да си мечка по потреба и да ја преспиеш зимата (пак по потреба).
• Да имаш по пет прсти на рацете и стапалата, оти ако имаш повеќе или помалку – ќе ти биде криво.
• Да не должиш пари никому – а тебе да ти должат. Ако ти ги вратат, убаво... ако не, никому ништо.
• Да имаш добар метаболизам и без проблем да си јадеш што си сакаш... скара ли, благо ли, бурек ли... 
• Да ти е здраво телото, и твоето и на тебе блиските, оти ако имаш некој болен – било пријател или фамилија - и тебе не ти е сеедно.
• Да му дадеш на таков што нема, а ти имаш вишок.
• Да не се прејадуваш, да не препиваш, да не тропаш глупости и да не правиш глупости во пијана состојба.
• Да имаш омилена песна, и да ти ја свират и нарачуваат или рецитираат кога ќе се расположиш.

 

2. Има и други добри работи, ама ми текна на овие. Сега, да разгледаме што е лошо. Значи, лошо е:
• Кога ќе видиш големо дрво зимно време, и на него јато црни врани што испуштаат грозни пискања. Лошо е и кога само ги слушаш, ноќе. Има едно такво дрво кај мене зад зграда. 
• Да ти падне пломба или да ти се поткрши заб навечер, а утре сабајле си на пат.
• Умот да не ти е прибран и да ти лета на разни страни, и да мислиш дека градот и земјата во кои живееш се грди и никакви... и кај си се родил тука.
• Да ти преседне јадење и пиење и пеење и славење сѐ и сешто... и да седиш намќор меѓу весели.
• Да си нервозен и раздразлив и да се истураш не на оној што те изнервирал, туку на оној што ти е најблиску и те трпи кога си таков.
• Да очекуваш нешто за возврат ако си направил некому добро. Тогаш си како крава што го истура ведрото со млеко.
• Да се жалиш дека ти е досадно и празно, кога ти си досаден и празен.
• Да пиеш кафе сам, и да водиш жолчни разговори со замислен противник.
• Да си заљубен во некого што љуби да јаде лук.

Ете, така. Знам дека мисливе не се нешто... посебно. Што да се прави? Зима e. Тапа e. Каква-таква... зимата е долга ама не е вечна. Слушам дека веќе се појавиле кокичиња. + читам прогноза дека викендов ќе паѓал снег. Нека падне... нека забели малку, нека се разубави овој сив град. Изминува последната третина од јануари, најдолгиот месец во годината. Потоа доаѓа февруари, најкусиот месец во годината. Мачките тогаш испуштаат безобразни звуци. А по февруари е март, а во март веќе сѐ замирисува на пролет, деновите се долги и животот е убав.

 Три кокичиња. 

tihomirmail@yahoo.co.uk

23 јануари 2014 - 21:02