Танцувај ако можеш

Бракот е една прилично досадна институција.

Поминале месеци и веројатно години од кога сте заедно.

Ги знаете сите негови шеги на памет.

Сте кренале раце од борбата против неговата ужасна навика да го остава лом лавабото насабајле.

Сте се навикнале на ноќното грчење.

Знаете која случка од вашиот заеднички живот ќе ја раскаже во одредена ситуација.

Му ги знаете сите трауми од детството и сите адолесценски фрустрации.

Знаете кој стих од која песна ќе го издрнда за да се објасни со некого или за да долови некоја ситуација.

Знаете како гестикулира кога лаже.

Знаете кога имал лош ден на работа по начинот на кој ги соблекува кондурите.

Сте го виделе како расте, во најголемиоте успеси и во најдолните падови.

Сте го мразеле кога триесет пати го потсетувате да купи млеко за децата, а тој на крај на денот ти вика "Леле забораив".

Ги знаете десетте нај сцени од филмови кои ги прераскажува во текот на годините. Секогаш истиот репертоар.

Знаете подобро од било кој друг што мисли навистина за неговите пријатели.

Знаете каков е кога е болен, кога е драматичен, зборлив, безгрижен, кавгаџија.

Или кога е уплашен. Конфузен. Кога му треба поддршка. Го познавате секој центиметар од неговото тело.

И сите негови мириси.

Сте се експериментирале до зла бога.

Сте имале секс во кола додека возел, на кујнската маса, кај него во канцеларија, по подруми, на полујавни места.

Понекогаш сте немале.

Сте се виделе во сите масла, со секави фризури, со несекси долен веш.

Сте поминале сто годишни одмори, нови години, викенди, сте поминале ноќи на телефон.

Понекогаш не сте збореле некое време. Ден, два или повеќе.

Па страсно сте се смирувале.

Понекогаш нема што да си кажете. Си молчите.

Знаете кога не е случај да зборите или да препрашувате. Знаете кога да затворите едно око. Знаете и кога да "не сфатите што се случило".

Можеби сте претрпеле неверство.

И сте простиле.

Можеби маж ви не човекот кој од секогаш сте си го замислувале.

Можеби немате слични вкусови за книги, музика или филмови.

Можеби професиите ви се комплементарни.

Можеби никако не ви се допираат.

Има работи за кои од секогаш совршено сте се согласувале, за кои немало потреба од разговори и компромиси.

За некои работи вие не го разбирате него. Ниту пак тој ве разбира вас.

За некои никогаш нема да се согласите.

Тој ве знае вас понекогаш подобро од вас самите.

И вие него.

Предвидливоста и повторливоста со текот на времето ја донеле дома и навиката.

Секоја вечер, во кревет си легнувате на сличен начин. Ти прва, маж ти пред телевизор или на компјутер. Или ти прва, маж ти во ниедно време. Или читате двајцата и си го раскажувате денот. Или задремувате во дневна на кауч. Во секој случај си легнувате секогаш тројцата: ти, маж ти и рутината, каква и да е.

 Ај кажете ми сега дека бракот е возбудлив, молим лепо!

Понекогаш ви се случува да помислите дека тревата на комшиката е позелена од вашата. И мене понекогаш ми се случува. Тогаш затворам очи и мислам дека и тој на некоја си таму и смрди насабајле. И тој понекогаш на некоја некаде и е смртно досаден. И тој ги раскажува по сто пати истите работи. И води љубов на ист начин. Toгаш мислам дека рутината е неизбежна и на крајот на краиштата не е ни толку малигна.

Годините поминати заедно прават од вас двајца најдобри пријатели, најсигурни љубовници, се разбирате и без да зборите, си се разбирате само со поглед. Заљубеноста еден во друг прераснува во заљубеност во вас двајцата. Во она што сте го создале низ времето што поминало. Годините поминати заедно прават да се прифатите вистински, голи и без маски, какви што сте пред огледало и да си создадете некој ваш заеднички и интимен јазик, непознат за цел останат свет, на кој вие совршено се разбирате. Оваа чудна игра во пар прави ние да не ги разбираме и ич не мора да ги разбираме туѓите бракови.

Па ако рутината ја земеме како составен дел, како неопходна и неизбежна состојка, како солта во манџа, тогаш не ни останува ништо друго освен да стиснеме заби кога е потребно, зашто да си заминеш е често полесно отколку да останеш. Секој ден по малку.

А кога веќе чепнавме тема, да не продаваме кромид и да не глумиме хепи фемили од просечен холивудски филм: бракот е и борба. Борба за меѓусебно разбирање и целосно прифаќање, борба против цел свет, понекогаш против фамилии, свекрви и роднини, борба против социјални или морални предрасуди, борба за статус, за имот, борба против немаштилук и невремиња, борба, за преживување, борба против сенки од минатото, борба против некои натрапници, борба за децата, борба против сите искушенија, болести и несреќи, борба против преживување на надворешните промени и на личните трансформации, борба против неизвесноста на следниот ден и борба против непредвиденото. Против сè нешто. Борба против досадата, против рутината, против едноличноста.

И оваа борба не е макотрпно меѓусебно јадење. Оваа институција не предвидува борба еден на еден. Туку бара тим. Солиден. Прекрасен. Голем. Непоткуплив. И никој тука непродава прикаски за вечна верност и страст која трае дур не се подгрбавите. И никој не вика дека бракот е постојано забавен. Туку дека самиот по себе ја предвидува непорекливата потреба да танцувате во ист ритам. Да гледате на ист начин, да имате исти фиксни точки, исти приоритети, иста кауза за борба и иста желба да го надживеете непредвиденото. Постојано да гледате во иста насока и да се движите без престан не заборавајќи ја во ниту еден миг големината и тежината на она што го имате. Повремено некој од вас ќе налета и на ќор сокак, а некој во некој иден момент ќе избега од колосек. Ништо страшно. Па и во танцот се предвидени погрешни чекори, збунки и газење по стопала. Сопки, паузи, конфузии, страв, трема.  Но, затоа е тука тој другиот. Да ве фати за половината, да ви ја земе главата помеѓу рацете, да ви ги стегне рамената и да ви каже дека ништо не се случило. Да продолжи да танцува и едноставно да биде тука. Да биде за да ве врати онаму каде што си припаѓате. Зашто да имаш некој кој ќе ти биде лојален пријател, тоа нема цена, без разлика дали сте во легална институција, сте си дале големи ветувања пред некое религиозно лице или возите надвор од секакви прописи. На крајот, во сржта на вашата одлука, единственото нешто што има вредност е она просто стегање на рака што сте си го дале како аманет дека ќе танцувате заедно. По секоја цена.

И така, со еден прост стисок на рака, може да го донесете највозбудливото решение. Да бидете дел од една досадна иституција и да танцувате со некој друг дур не се подгрбавите.

А кога ќе се подгрбавите, да мислите дека тоа е најубавиот танц кој било кога сте го изиграле.

 

Емили

emabela@yahoo.com

11 јуни 2013 - 00:20