Едно име имаме

Nomen est omen

Ако слушнете некој да се спрема да крсти дете Пимен, пишете ми. Ќе го крстам нит по стара, нит по нова тарифа туку бесплатно.

Од ќеф.

Сите патишта водат во Рим. Без разлика од каде и да тргнуваат.

Така на пример, мојот пат тргна од Мајнц, на лицето С. М - Т, патот му тргна од Солун (кој еве уште еднаш се потврдува дека бил и ќе остане наш), на Тања од Лондон, на Дуке од Њујорк, на делегацијата од Скопје, а на еден познаник, патот му тргна дури од Стразбур.

Дождот не знам по кој пат зафатил, ама и тој дојде во Рим. Никој од нас не е крив, крива е поговорката.

Полека се комплетираше екипата. Ќе се видиме со Папата, ќе си ислушаме концертот и потоа како што велеа во ЈНА, ќе следи КЗЖ (културно забавен живот), далеку од протести и контра протести

Кога сме кај протестите и контра-протестите, кај пленумите и контра-пленумите, и што ли уште не про и контра, си викам да го употребам тоа како мотив да го поканиме Папата во Македонија. Да му речам: Aј бе дојди до кај нас, знам дека насекаде каде и да одиш се собира народ да те пречека, да те види и поздрави, ама само кај нас можеш да имаш дочек и контра дочек, па така сите ќе не видиш. А и ние тебе.

А да не напнувам ситуација, таман си е мирно?

Стразбур слушна за нас, ама ние ништо не чувме од Стразбур.

И подобро.

А и му ветив на Никче дека ќе пишувам за проблемот со името.

Бидете спокојни. Нема да пишувам за името кое не го даваме, за едното што го имаме и кое во душата си го носиме и за кое живот даваме. Не пишувам за Македонија, туку за проблемот со моето лично име.

Сострадувам со татковината со името. До душа, различни проблеми си имаме со имињата. Нејзиното секој го присвојува и на другиот му забранува да го користи, а моето пак Пимен никој нит го граби нит го сака. Еден единствен сум во државава, а може и пошироко.

Сте чуле за некој друг Пимен во земјава, или пак дека некој млад брачен пар, кога размислува за име за детето барем како последна опција да речат: А бе и Пимен не звучи лошо?

А името си е баш супер. Словенска транскрипција на грчкото Пимин, што во превод би било пастир. Еден од епитетите со кои Христа го нарекуваме, Добриот Пастир.

И воопшто името како име не би било ни чудно ни смешно, ако не измислеа еден куп супер-херои со слични имиња како Бетмен, Супермен, Спајдермен, Ајронмен и уште кој ли не.

Така кога мои драги пријатели (инаку Албанци кои си ги сакам искрено) за првпат ми доаѓаа на гости во манастирот во Водоча со нивното мало синче (денес веќе студент) и кога му објаснувале дека таму ќе го видат Пимен, својствено за таа генерација, малиот постојано прашувал: А Пимен може да лета, а има ли Пимен голем меч, а многу ли е силен Пимен?

Родителите цел пат биле збунети од тоа што прашува глупости малиот. Им дојде срце на место дури кога сфатија дека малиот само го асоцирало името на таквите ликови со супер моќ.

Ќути барем малечкиве, на што и да ги потсетува името, го знаат во оргинал, не го грешат.
Постариве друга мака си имаат. Толку им е чудно што на претставување постојано препрашуваат: како? Климент? Пимент? Пиме, Климе, Диме, Стивен...

Ај да издвојам и два најекстремни случаи на погрешно слушање.

1. Во еден период од мојот монашки живот со братството живеевме во манастирот свети Петнаесет Тивериополски маченици во Струмица а владиката Наум во Водоча. И така една женичка од Струмица тргнала за Водоча да го сретне Дедо Наум. Некој од монасите и кажал дека е на пат, па подобро би било да го побара Пимен.

За кратко време жената стигна во Струмица и видно збунета ги измешала имињата и си направила комбинација од двете, па кога излегував од олтар со вперен прст кон мене ме праша: отец Паум? Се насмевнав слатко и ја поправив. И ден денес контактираме и ми го погаѓа името од прва.

2. Од манастир доаѓам во Скопје. Ели требаше нешто да ми праќа за во манастир. И вртам на мобилен и се јавува мајка и.

-Ели?

- Не, мајка и е. Ели се симна до продавница. Да пренесам нешто?
- Да, Ве молам кажете и дека отец Пимен ја бараше. Нека ми се јави кога ќе се врати.

И минаа часови, а Ели не се јавува. Е па добро, јас имам мака, јас пак ќе вртам.

- Ало Ели, па што не се јавиш? Нели ти пренесе мајка ти?

Громогласно смеење од другата страна. Конечно се собира.

- Ти ли ме бараше?!?

Пак хистерична смеа.

- Мајка ми ми рече те бараше некое машко ама Деспина се претстави:-)))

Знам многу деца што си ги мразат своите имиња само затоа што не се секојдневни, што не се шаблонски. И јас како малечок не си го сакав. Бев Сотир. Не можев слободно да се потпишам на клупа а веднаш да не се открие кој е тој потпишаниот и веднаш да бидам санкциониран потоа. И кога сите добиваа прекари јас не морав, името беше доволно. И не само деца. Има и возрасни луѓе кои се уште не се помириле со одлуката на родителите или пак кумот па си користат скратеници или сосема други имиња.

Сепак името не го прави човекот, туку обратно, човекот го прави името.

Господ Бог во Царството Небесно ќе нè прими со личното име кое сме го прославиле и оправдале или не. Нема да нè прими ни со титули, ни со прекари, ни со кратенки. Нека ми простат сите оние личности кои преферираат во овој живот да им се обраќаме наместо со име со оче, професоре, докторе, директоре, претседателе и слично, но есхатолошката теологија така нè учи, па така ве учам и јас. И Христос нема да ни се налути ако во молитвите наместо со Господе Му се обратиме само со Исусе или Христе. Та поради тоа и слезе на земјата за да биде еднаков со нас во се освен во гревот.

Си го сакам името и му благодарам на мојот духовен отец што ете баш тоа име го одбра за мене и покрај сите слатки проблеми што ми ги носи низ годиниве. Му благодарам и на Бога што баш покрај мене многу луѓе ќе научат нешто повеќе за ова заборавено име и за светителот Пимен што го прославил Бога и името уште во првите векови на монаштвото.

П. С. Ако чуете некој да се спрема да крсти дете Пимен, пишете ми. Ќе го крстам нит по стара, нит по нова тарифа туку бесплатно.

Од ќеф.