
Со истражувањето спроведено од Министерството за земјоделство на САД биле опфатени примероци од шест големи комерцијални мрежи, кои покриваат 184.000 колонии на пчели во Калифорнија и западните сојузни држави. Во овие колонии од почетокот на 2025 година, пчеларите пријавиле загуба на над 60%, односно над 1,7 милиони кошници.
Кај речиси сите примероци на пчели во најтешко погодените колонии, била откриена висока концентрација на вируси што предизвкуваат парализа со смртни последици. Грините вароа, кои ги пренесуваат овие вируси кај пчелите, генетски мутирале и развиле отпорност на „амитраз“, најчесто користената хемикалија во комерцијалното пчеларство.
Вароа е лушпест крлеж што го активира вирусот кога ќе се закачи за пчелата, а таа не може да се ослободи од него. Вароата ги деформира крилјата и нозете на пчелата и се размножува со несење јајца во ќелиите на пчелите-работнички. Се случува некои заразени пчели по првиот лет воопшто да не се вратат во кошницата.
Ова е клучно за опстанокот на пчелите. Не можеме да се потпираме на една линија на одбрана против вароа. Овие крлежи еволуираат брзо и ние мораме да бидеме уште побрзи, вели Пети Сундберг, претседател на Федерацијата на американски пчелари.
При истражувањето биле откриени и други ризици за пчелите, како претерана изложеност на пестициди и неквалитетна исхрана, но и давање претерано високи дози на амитраз, што ја ослабува неговата ефикасност.
Само директните загуби од масовното угинување на пчелите низ САД се проценети на околу 600 милиони долари. Индиректните последици се многу поголеми. Медоносните пчели играат витална улога за опрашувањето на една третина од земјоделските култури, во вредност од над 20 милијарди долари годишно.
*****
Види и: Не е лесно да си пчела во 2025-та