Историските недоразбирања меѓу мачките и кучињата добиле неочекуван тајм-аут кога мачор од Нов Зеланд бил спасен благодарејќи на трансфузија на крв добиена од куче, што е редок пример на вакво мешање меѓу видовите.
Рори голтнал отров за глувци па неговата сопственичка итно го пренела во дежурната ветеринарна служба.
Состојбата на мачорот бргу се влошувала и му била потребна итна трансфузија, но се немало време да се праќа мостра до лабораторија за да се испита крвната група.
Ветеринарката решила да употреби кучешка крв, од лабрадор од соседството.
"Ни успеа и му го спасивме животот", изјавила таа додавајќи дека нема простор за загриженост бидејќи по трансфузијата Рори ниту лае ниту трча по коли.