Не им верувај на лигавите, ни кога подароци носат

Клекнување на колена и нудење веренички прстен е само една манифестација на обичајот романтичните врски да се зацврстат со некое поклонче. Во многу култури бракот се армира со чеиз, некаде само женската, некаде двете страни. Но, не се само љуѓето оние кои сфатиле дека љубовта подобро функционира кога е подбутната со некое поклонче.

Некои видови муви и некои видови пајаци имаат обичај да им нудат храна на женките за да ги одоброволат на парење. 

Меѓутоа, најинтересни се полжавите кои тој хранлив оброк го нудат во пакет со својата сперма. Генијалноста на тој потег е што таа нутриционистичка бомба не само што е толку силна што ем го закрепнува организмот на женката ем е драгоцен за развој на породот туку после неа, женката главно ја губи потребата да се пари со други.

Во тоа множество полжави, на научниците најинтересно им било да проверат како тоа функционира кај полжавите хермафродити.

Да не навлегуваме во детали околу тоа како утврдувале (многу нефер) ама заклучиле дека и хермафродит минува низ тој процес „узимања- давања“ што би рекол Чолиќ. Без разлика што конечниот енергетски есап е НУЛА односно организмот се пребива сам со себе. Битно да има обрт. Што од друга страна ја потврдува онаа стара македонска „сам ако не си го начукаш, кој?“

******

п.с. една поучна политичко- деловна басна имате овде

30 септември 2018 - 11:13