И така, орелот решил да се вивне кон височините, да запичи угоре и да стигне таму каде што никој од другите не стигнал. Пошто - контал нашиот јунак - не му е судено да се меша со останатата ситна боранија која нешто демек лета наваму-натаму. Не, неговата карма е да се стреми кон недопрените височини. Да ја искористи својата аеродинамична супериорност и да ги подреди животните цели на својот паблик имиџ. Да шиба високо, да тера уште повисоко, да стигне највисоко! И успеал, мајчин тој! Летајќи упорно и ударнички, по некое време стигнал до највисоката земјина кота. Долетал до некој планински врв на кој никој жив дотогаш немал припарено. Застанал орелот на карпестата бучка и некое време уживал во својата олимписка издвоеност од шљамот под себе. Но, не за долго. Неговата суетна интроспекција била грубо прекината кога тој до себе забележал – полжав! Сосема обичен, регуларен полжав, онаков со рогови, куќичка и сè што оди во комплетот. Можете да си го замислите шокот!
– Добро бре мајку му, како па ти стигна овде? – прашал вџашениот орел.
Полжавот одговорил смирено и искрено:
– Со лигавење брат, со лигавење...
Ете, си помуабетивме малку за ова новинариве што ги унапредуваат со политички функции. Додуша, кај добар дел од нив, тоа и не е некое унапредување. Тоа е само уточнување на називот на професијата со која се занимаваат. Луѓето сега и официјално можат себеси да се нарекуваат портпароли и не мораат да се кријат зад адамовиот лист наречен новинарска легитимација. Опуштете се колеги, сега слободно ќе можете да ги искажувате туѓите ставови без да му ја мислите дали некој „ќе ве прочита”, без да ве јаде јанѕа дали испуштивте да ги вметнете оние „рече/истакна/додавајќи дека/дознаваме од проверени извори” во својот ултра објективен, мега непристрасен и пеха неутрален новинарски текст.
Ма фала богу, да се живи и здрави. Џабе ли дуваа во тоа свирките? Џабе ли ги носеа оние хипи маици порачувајќи им и на силеџиите и на јавноста дека се решени до последен штеп да ја бранат својата света професија? Само, зошто ја бранеле кога уште тогаш мислеле да ја напуштат, не ми е јасно. Некако глупо е тетка да се зачленува во организација на жени ако веќе има закажано операција за промена на полот. Баш ме интересира како биле облечени во драфтот додека дремеле на клупа во седиштето на партијата, чекајќи да дојде кадровикот за да одбере 3-4 од нив, а на другите да им се заблагодари и да им порача: Кип ап д гуд џоб! Какви ли маици тогаш носеле? Тука сме, земајте? Она што мене највеќе ме жалости во овој случај е тоа што сите заинтересирани новинари, сепак не успеаа да бутнат глава во политиката. Рестото од нив сега ќе мора пак да го гледаме на вести како кука над судбината на народот, како драпа за објективноста и за моќта на седмата сила. Бог те седма сила, како тоа ебежливо звучи. Треба да се најде некој јунак па да приреди блиц анкета меѓу новинарите колку за да се илустрира нивната енциклопедиска информираност. Првото прашање би имало за цел да го опушти анкетираниот:
– Дали знаете вие како новинар, на која сила сте претставник?
– На седмата! – задоволно крикнува новинарот по што на анкетарот му останува само да поентира:
- Фино, ајде сега набројте ми ги првите 6!
Вториот трансфер кој ме развесели неделава е оној со Македонците во ДУИ. Првичната шокираност меѓу рајата бргу беше амортизирана со информации дека се работи за криминалци, за поткуп, за ова – она. Демек, ух шуќур, тоа биле девијантни појави, нашето национално јадро останува здраво и живо. Што би рекол чика Емил Диркем, малку криминал не е на одмет. Спокојството на духот е вратено, а ние ѓоа здравите, ја засиливме меѓусебната солидарност и ја зацементиравме припадноста кон групата. Маде голо. Трендо ви тврди дека Македонците ваков заеб не му приредиле на Али Ахмети уште од борбите околу Рашче. Не ви е јасно? Па добро бре, каде има поголема беља отколку наш човек да ти влезе во партија? Нема да пројде многу кога нашиве, онака природно, ќе почнат да ги упропастуваат работите. Има да му гледаме сеир на Али кога на политичкото небо на Македонија ќе почнат да никнуваат: ДУИ Вистинска, ДУИ Реформска, ДУИ – ДУИ... Има да спрашти од овде, да не му текне да се врати, да им оди пак на Швајцарците и да им рече:
– Давај тоа пензијата назад, сега сум стварно излуден!
Добро, знам рударите штрајкуваат со глад во своите рудници. Ја користам оваа прилика да и се извинам на Владата затоа што не и верував на времето, затоа што се сомневав дека ќе се држи до своите ветувања и затоа што не сфатив колку беше сериозна кога порача дека нема да прави никаков компромис со подземјето! Од каде да знам дека вака доследна ќе испадне?
Кога сме веќе кај македонскиот андерграунд: прочитавте ли дека постои проект за изградба на крематориум во Скопје? О хепи деј! Конечно Топаловиќи стигнаа во нашиот град! Оноа не е фурна, оноа е најсовремен крематориум! – проговара ле-гендарниот Лаки Топаловиќ, инаку стар Скопјанец и реформатор. Проблемот бил во тоа што Бутел веќе станува претесен за сите заинтересирани муштерии, а крематориумот би го решил овој проблем за следните 200 години! Гледате, одеднаш се отвора прекрасна шанса политичките партии да ги заборават своите парцијални интереси и да се здружат околу некој заеднички проект. Па на свеченото отворање да ги видиме сите на едно место: и опозиција и власт и леви и десни и треќи опции... Заеднички да ја пресечат лентата. Заеднички да му дадат малку надеж на овој напатен народ. Заеднички да му порачаат дека народ со ваков крематориум, нема зошто да му ја мисли за својата иднина!
Трендо
(од колумните објавувани во Дневник и Фокус)