Кина има сè живо да клонира

Една од најбрзо растечките кинески биотехнолошки компании работи на изградба на својата нова фабрика. Фабрика која ќе треба да произведува (клонира) копии од кучиња, крави, тркачки коњи, не-човечки примати и останати животни.

Фабриката ќе биде составена од линија за производство на клонови, центар за клонирани животни, банка за гени, и научен и образовен изложен центар. Локацијата на фабриката е градот Тианџин, во кој пред неколку месеци се случи една од најголемите индустриски несреќи во историјата на Кина. Уште не завршена, таа го добива називот "најголемата фабрика за клонирање во светот", што само по себе повлекува дека во светов има повеќе вакви.

Производството од инвестицијата вредна 31 милион долари се очекува да започне во 2016-та, а први животни што ќе излезат од фабричките ленти се јапонски говеда. Изборот за клонирање на овие животни е за да се намали цената на квалитетното говедско месо на кинескиот пазар.

Фабриката ќе биде единствената истражувачка институција во светот која ќе произведува и "заболени модели" на крупни животни. "Заболен модел" е животно кое е генетски изменето за да има предиспозиции за заболување од одредени човечки болести, со цел на нив да се експериментира.

Фабриката е партнерство меѓу компанијата Бојалајф, два кинески истражувачки центри и Суам Биотеч Ресрч фондацијата од Јужна Кореја. Претходно Бојалајф соработуваше со јужнокорејците на клонирање на три тибетански мастиви (едно од највредните сорти на кучиња во Кина, кои можат да бидат продадени за милиони долари).

Суам Биотеч (Корејците) се број еден светската компанија за клонирање на кучиња. Од 2005-та до сега имаат клонирано над 550 кучиња. За да ви направат генетска копија на вашето куче се што треба е да им испратите ткиво од вашиот миленик и 100.000 долари.

26 ноември 2015 - 13:40