Бајден има двајца волчјаци од кои едниот, Чамп, го купува во времето кога стана потпретседател на САД во 2008. Во тоа време скандал беше што Бајден купил куче од одгледувачница (пази тоа, купил од луѓе што професионално се занимаваат со одгледување на кучиња), наместо да вдоми бездомно куче од стационар (на кое главно не му се знае ни минато, ни навики, ни како било одгледувано...). Чисто поучен од гњавењето што му се случува во 2008, Бајден десет години подоцна набавува уште еден волчјак, Мејџор, но овој пат од стационар во Делавер.
Три години подоцна, во јануари 2021, кога Бајденови се вселуваат во Белата куќа, со нив доаѓаат и двајцата волчјаци, како официјални први миленици на Белата куќа.
За помалку од два месеца престој во Белата куќа, Чамп и Мејџор веќе имаа досие на инциденти со персоналот и обезбедувањето на Бајден. Меѓу нив и еден случај од 9 март кога Мејџор напаѓа и гризнува еден припадник на Тајната служба.
Под казна за инцидентот Мејџор, заедно со Чамп, е испратен дома во Делавер, каде добива обука за однесување на Белата куќа и по враќањето почнуваат да го шетаат на каиш. И покрај ова по враќањето во Вашингтон, на 30 март Мејџор пак има уште еден инцидент кога напаѓа еден од луѓето што ја одржуваат градината и тревникот во Белата куќа. Овој пат, на нападнатиот му е неопходна интервенција од медицинската екипа на Белата куќа.
Од друга страна Чамп е виновникот за инциденти како купче измет во ходникот пред салата за дипломатски прием во Белата куќата.
„Погазувајќи ја нашата доверба, тие ја признаа својата неспособност да бидат лидери, и затоа мора да поднесат оставка на позицијата миленици на Белата куќа. За доброто на персоналот на Белата куќа и на земјата, тие треба да се вратат во цивилен живот, веројатно минувајќи повеќе време со семејството во Делавер,“ пишува Мени Фидел во текстот за Бизнис инсајдер.