За само 34 долари (плус 5 долари шипинг) на Амазон може да се купи заштитен комплет против ебола кој на нормален западен човек нема многу да му помогне бидејќи во неговата околина главно - нема ебола.
Па сепак, продажбата на ова згодно комплетче (кабаница, две маски за очи, два пара гумени ракавици, гумени чизми, боја по избор), за само една ноќ пораснала за 399 проценти, откако низ медиумите проструи гласина дека африканската болештина затропала на вратите на Њујорк.
Не е ова рекордот. Тој е поставен на 1-ви октомври кога беше дијагностициран првиот пациент во САД што предизвика пораст од 131.000 проценти на продажбата на едно одело за заштита.
"Тоа што сега го гледаме исто како и во претходните опасности за епидемија. Два елемента се потребни за ширење на феноменот, да е ново и да прави паника. Во време на несигурност, луѓето трескавично бараат информации и бидејќи сето тоа ги прави нервозни, склони се да им поверуваат на непроверени извори", Вели Томас Болуку, експерт за глобално здравје и економија.
Ситуацијата во која досетливите и не многу скрупулозни луѓе во еболата гледаат елдорадо за да згрнат пари ја следи и Бирото за храна и лекови кое досега испратило три предупредувачки писма, до производителите на Nano Silver кој се рекламира како убиец на еболата и Young Living и DōTerra кои продаваат етерични масла кои помагаат во битката со еболата. За првото, познавачи велат дека навистина има докази дека и нанесува штета на еболата, ама не - во човечкото тело (неа и солна киселина ваљда ја убива).
За кратко на американскиот пазар се нудел дури и змиски отров како противотров за ебола.
За да не си имаат работа со педантните и строги луѓе од Бирото, претприемачите сега главно не ги нудат своите превари директно како лек туку како додатоци во исхраната кои помагаат во такви случаи.
Тоа најчесто се прави на следниот начин; се пишува нормална новинарска статија за тоа како еболата го ослабува имунитетот а потоа на истото место ссе нудат витамини и минерали кои нели, помагаат во јакнење на имунитетот.