Полиомиелитис е вирус кој парализира еден во 200 заразени луѓе и убива 10 проценти од нив кога ги зафаќа мускулите потребни за дишење. Огромен дел од жртвите се деца помалу од 5 години.
Полиото е наоколу со векови, а со глобализацијата и забрзувањето на патниот сообраќај успеа да се рашири до секое ќоше на светот. Во 1952-ра година, само во САД се регистрирани 20.000 случаи. Вакцината е извадена во 55-та, а нејзината орална варијанта 6 години подоцна. Следува триумф на медицината: до 1965-та бројот на заболени е сведен на неколку стотици а до 1973-та, на помалку од десет. Во 1994-та година САД прогласуваат дека полиото е искоренето на нивна територија.
И глобалните податоци се импресивни: во 1988-ма имаше 350.000 заболени лица, денес се неколку стотици. Истата година 128 земји пријавија дека се борат со овој вирус, денес ги има само две: Авганистан и Пакистан.
Главниот јунак во приказната е вакцината и ефикасната глобална кампања за вакцинација на децата. Се очекува последните неколку случаи да се појават во следниот период од три години по што конечно ќе се збогуваме со вирусот.
И покрај големата бучава и наметнати контроверзи, сличен успех науката и медицината книжат и кај сипаниците кои пред појавата на вакцина зедоа стотина милиони животи. Извесен ризик кај вакцините секако постои но тој е минорен во однос на придобивките од нив.