Додавањето на физичката активност на редовната грижа, не ги намалила симптомите на депресија, стои во истражувањето објавено во Британскиот медицински журнал.
361 пациент на возраст од 18 до 69 години со дијагностицирана депресија, биле поделени во две групи: една која ја добила редовната грижа и една на која на редовната грижа и била додадена и физичка активност.
На крај и двете имале ист резултат во ублажувањето на симптомите на депресија, групата која добила и физичка активност не била ништо подобра од онаа која добила само нега.
"Голем број истражувања тврдат дека физичката активност има позитивни ефекти на луѓето кои страдаат од депресија, но нашите испитувања не дадоа никаков успех во намалување на нивните симптоми. Сепак, важно е да се спомне дека физичката активност е позитивна за други медицински проблеми како срцеви болести, дебелина или дијабетес, кои можат да влијаат на луѓето во депресија," објаснуваат од Универзитетот во Бристол.
Главна причина за истражувањето е што голем број пациенти не сакаат да ги примаат лекарствата против депресија и се решаваат на алтернативни мерки, меѓу кои најчест предлог е вежбањето и физичката активност.
"Вежбањето и активноста се нудат како третман за депресијата, но ова внимателно скроено истражување на оваа тема, покажа дека физичката активност не е ефективна во справувањето со депресијата," објаснува професорот Џон Кембел од Универзитетот во Ексетер.