Веганските деца се пониски

Децата на веганска диета се послаби и пониски од оние што јадат месо, покажува збирна анализа на студии. Исхраната базирана на растенија не може да ги обезбеди есенцијалните витамини и минерали. Единствениот начин веганското или вегетаријанското дете да расте здраво, велат научниците, е со внимателно испланиран режим на суплементација.

Според податоците од 59 студии, со кои биле опфатени речиси 50.000 деца во 18 земји, оние што не јадат месо биле во просек до 4 сантиметри пониски од нивните врсници. Веганските деца, исто така, имале и понизок индекс на телесна маса. 

Анализата покажала дека дека веганските деца консумирале повеќе растителни влакна, железо, фолна киселина, витамин Ц и магнезиум, но имале помал внес на енергија, протеини, масти, витамин Б12 и цинк.

Витаминот Б12 не е присутен во природната растителна храна и мора да се добие од извори на храна како што се црниот дроб, лососот, јајцата и млечните производи. Децата со хроничен недостаток можат да страдаат од несакани ефекти како што се мегалобластна анемија и неповратни невролошки оштетувања.

Веганската исхрана не е по природа небезбедна. Веганските деца имаат нешто послаб профил на раст, ​кој сè уште е во нормални граници. Ваквата исхрана може да биде соодветна, но не е нутритивно самодоволна во својата природна форма и бара дополнителна поддршка, изјави авторката на студијата, д-р Моника Дино, од Универзитетот во Фиренца.

Таа додава дека колку е диетата порестриктивна, толку е поголем ризикот од нутритивни празнини, особено кога збогатената храна и додатоците не се користат доследно.

Професорот Мартин Ворен, од Институтот за биолошки науки Квадрам, забележа дека во студиите не биле анализирани важни фактори, како социоекономскиот статус или образованието на родителите, но резултатите ги оцени како впечатливи.

Иако исхраната базирана на растенија во детството може да понуди некои здравствени предности, ризиците од недостаток на микронутриенти остануваат реални и не треба да се потценуваат, вели професорот Ворен.

16 декември 2025 - 09:06