Правото на менструално отсуство се базира на советите од шпанските гинеколози и акушери, според кои една третина од жените што менструираат страдаат од сериозни болки за време на циклусот. Болките медицински се нарекуваат „дисменореја“ и вклучуваат акутна абдоминална болка, главоболка, треска и дијареја.
„Ако жена има болест со такви симптоми таа би добила привремено отсуство, па истото треба да важи и кај менструацијата - да им се дозволи на жените со многу болен циклус да останат дома,“ изјавила шпанската парламентарка Ангела Родригез Мартинез.
Законот кој допрва треба да биде изгласан ќе бара од училиштата да обезбедат санитарни влошки за сите свои ученички кои имаат потреба од нив, а слична помош ќе добијат и жените од маргинализираните групи. Плус на овие производи (влошки, тампони) ќе биде укинато и ДДВ-то.
Во истиот пакет, шпанската влада ќе се обиде да протурка и зголемена достапност на абортусот, со укинување на задолжителната дозвола за абортус од родителите на девојчињата на возраст од 16 и 17 години и гарантиран пристап до абортус во државните болници. Иако абортусот е дозволен во Шпанија цели региони на земјата се прогласени за зони без абортус заради можноста докторите да се откажат од ваквите операции по етичка основа.