Важечките препораки на СЗО се темелат на проценката дека вирусот се пренесува првенствено преку директен контакт и респираторни капки кои се исфрлаат преку кашлање, зборување или кивање. Научниците пак кои стојат зад писмото кое треба да биде објавено неделава, тврдат дека со ваква проценка се прави грешка во борбата против пандемијата бидејќи вирусот се пренесува и преку воздух, односно преку аеросоли кои се многу помали честички и кои во воздухот остануваат многу подолго од капките. Притоа, денес пропишаната дистанца од еден метар не значи многу за нив.
Научниците упатуваат на растечката евиденција дека пренесувањето преку воздух е многу поважно отколку што СЗО денес смета. Како докази се најавуваат примери од погони за преработка на месо каде што немало ни директен контакт ни можност за заразување преку респираторни капки па сепак се појавувале кластери на ковид-19.
Потписниците сметаат дека СЗО дошло до грешна проценка бидејќи се базирале на студии изведувани во болници во кои проветрувањето е многу подобро од други простории во кои вирусот може значајно да се кумулира во воздухот.
Доколку пренесувањето преку воздух се покаже како важен фактор, тоа ќе повлече битни промени во заштитните мерки: маски веројатно ќе мора да се носат и во затворени места во кои има можност за дистанца, ќе се заострат прописите за вентилација на воздухот а можеби ќе се наложи и воведување на ултравиолетови ламби за заштита од заразните аеросоли.