Слабите нема кој да ги жали

Во Англија расте бројот на деца кои немаат доволно тежина. Но, ретко кој обрнува внимание на нив бидејќи во мода е да се паничи околу дебелите.

Секое 12-то дете на островот е недоволно исхрането. Тоа значи дека во секоја училница постојат две до три деца со овој проблем.

Најголем процент на преслаби деца има меѓу 9 годишните. На 16 годишна возраст процентот опаѓа и изнесува 6% но историски и тоа е загрижувачки податок бидејќи во 1979-та година, на оваа возраст имало само два процента недоволно исхранети млади.

Хроничниот дефицит на тежина, според експертите, е посериозен проблем отколку да се има вишок килограми.

Појавата е почеста кај девојчињата кои под притисок на околината и медиумите, страхуваат да не станат дебели и како такви, предмет на подсмев.

Неисхранетоста предизвикува остеопороза, го слабее имунолошкиот систем и на долг рок создава срцеви проблеми.

Се проценува дека и самите доктори не се доволно обучени да го препознаат овој проблем поради општото верување дека тоа е гајле на третиот свет и дека една ваква богата и развиена земја не може да има сериозен проблем со недоволната исхранетост.

 

13 мај 2013 - 09:14