Прва вакцина против трипер

Англичаните и Велшаните ќе ја тестираат ефикасноста на вакцина прилагодена против трипер, прва во светот. На Островот во изминатата деценија за 2,5 пати се зголемил бројот на случаи на гонореја. Се лекува само со антибиотици, но бактеријата ја засилува отпорноста и го отежнува третманот. Ако не фати вакцината, единствената опција против триперот е безбеден секс.

Британската здравствена служба НХС ќе тестира дали стандардна вакцина против менингокока ќе се покаже ефикасна за да го запре ширењето на гонореја. Двете бактерии споделуваат речиси 90% од генетскиот материјал. 

Организираната имунизација не нуди апсолутна заштита. Истражувањата покажале дека вакцината 4CMenB обезбедува заштита од гонореја во 32% до 42% од случаите. Но, се очекува вакцинираните лица да имаат помал ризик од компликации, а се намалува и веројатноста за пренесување на инфекцијата. 

НХС истакнува дека прилагодената вакцина е единствената алатка за да се скроти алармантната стапка на ширење на гонорејата. Во 2023 година во Англија биле регистрирани над 85.000 случаи, што е зголемување од 234% во споредба со 2012 година, кога имало 25.525.

Гонорејата е предизвикана е од бактеријата neisseria gonorrhoeae и се шири преку незаштитен секс со заразено лице. Околу 10% од мажите и речиси половина од жените што се позитивни на гонореја не покажуваат никакви симптоми, што значи дека може несвесно да ја пренесат инфекцијата на своите сексуални партнери.

Најчестите знаци на инфекција се невообичаен жолт или зелен исцедок од вагината или пенисот и болка при мокрење. Во тешки случаи инфекцијата може да се прошири низ телото, а во многу ретки доведува и до сепса. Ако не се лекува навремено гонорејата може да доведе до неплодност, инфекција на репродуктивните органи кај жените и воспаление на тестисите кај мажите.

НХС од август ќе им ја понуди вакцината на „подобни приматели“ со историја на сексуално преносливи инфекции. Анализа од Империал колеџот во Лондон сугерира дека имунизацијата на лицата изложени на висок ризик може да спречи до 100.000 случаи на гонореја во следната деценија.

******
Види: Трипер, уште ти ни фалиш

2 јуни 2025 - 13:12