
Визиите за иднината будат слични мозочни сигнали кај оптимистите и сосема различни кај песимистите. Експерти за социјална психологија и когнитивна невронаука од Универзитетот Кобе ова го заклучиле по тестирања и скенирање на мозочни активности кај група од 87 доброволци, специфично избрани да го покријат целиот спектар од најведри оптимисти до најголеми песимисти.
Додека биле снимани со функционална магнетна резонанца (фМРИ), учесниците имале задача ја замислат својата улога во различни сценарија во иднината: позитивни настани - како патување околу светот, неутрални – како аплицирање за работа, и негативни - како да добиле дијагноза дека боледуваат од рак.
Резултатите кај оптимистите покажале слични мозочни активности во медијалниот префронтален кортекс. Кај песимистите имало големи разлики.
Заклучокот е дека оптимистите се под влијание на универзална визија за идеално сценарио, додека песимистите имаат тенденција да изнајдат повеќе работи што може да тргнат на лошо. Научниците претпоставуваат дека позитивните визии за подобар живот се еволутивна алатка што ги здружува оптимистите и ги истакнува во социјалната група.
Шпекулираме дека заедничката когнитивна структура позитивно влијае на социјалните односи. Претходни студии покажаа дека оптимистите, во споредба со песимистите, се поврзани во поголеми социјални мрежи, имаат повисок степен на задоволство од врските и поголема социјална поддршка. Тие, исто така, се перцепираат како посимпатични и поатрактивни и имаат поголеми шанси да бидат прифатени од нивната група врсници, забележува авторот на истражувањето, Кунијаки Јанагисава.
Тој додава дека се потребни подлабоки истражувања за да се открие дали заедничкиот механизам е вроден или се создава со времето преку искуство и дијалог.
Оптимизмот и песимизмот не се непроменливи особини; тие имаат тенденција да се менуваат со возраста, иако траекториите варираат од култура до култура.
Оптимизмот, исто така, не секогаш е позитивен, а и песимизмот не мора да биде лош.
Екстремниот оптимизам ги попречува правилните планови за иднината. Песимизмот може да биде позитивна особина во некои ситуации. Кога е дефанзивен помага за подобра подготовка за иднината, наведува Алеа Девит, психолог на Универзитетот Ваикато во Нов Зеланд.