На домашен Божиќ со маска

Светската здравствена организација процени дека Европа е под висок ризик за распалување на пандемијата и препорача на семејните божиќни собирања, глупо - не глупо, да се биде со маска. За Свети Никола ништо не кажаа.

СЗО очекува масовно зголемување на стапката на трансмисија на коронавирусот за време на претстојните божиќни и новогодишни семејни прослави па издаде специјализирано божиќно упатство во време кога во цела Европа бројките растат а земјите сериозно ги засилуваат рестрикциите.

СЗО порачува секогаш кога е тоа можно, семејните собири да се планираат надвор а ако веќе се празнува внатре, луѓето да бидат со маски.

„Можно е да се чувствувате чудно со маска и физичка дистанца околу членови на семејството, но тоа значајно ќе помогне да ја заштитиме безбедноста и здравјето на себе и блиските“, се вели во соопштението во кое се порачува и да се избегнуваат густи ситуации во јавниот транспорт а ски-центрите да се подготват и адаптираат за очекуваните гужви.

Германија ги затвора училиштата и сите несуштински бизниси до 10-ти јануари. Баровите се затворени уште во ноември, сега се забранува пиење на јавни места. За Божиќ е предвидено извесно олабавување па ќе биде дозволено собирање дома до четворица луѓе од најблиското семејство. Деновиве Германија имаше пик од 952 починати од ковид во еден ден.

Италија се приближува кон рекорд на починати луѓе од Втората светска војна.

Франција го замени вториот локдаун со полициски час од 20 до 6 часот. Баровите и рестораните остануваат под клуч до 20 јануари.

Холандија тера пет-неделен локдаун, со најригорозни мерки откако почна белјата.

Во Велика Британија, и Лондон се вклучи во најстриктниот локдаун круг. Барови и ресторани ќе мораат да затворат, остануваат да работат само за носење и испорака. Сите настани во затворени простори се забранети.

Во Австрија е задолжително носење маска во сите затворени простории а средби меѓу различни семејства се забранети.

Данска е во делумен локдаун, со затворени угостителски објекти и спортски центри на цела територија.

Во Македонија, ситуацијата е под контрола.

16 декември 2020 - 16:10