Мерките против ковид биле „смртна пресуда“ за најранливите Британци

Иако е општо познато дека постарите луѓе се екстремно ранливи на респираторни вируси, британските власти на почетокот на пандемијата на ковид не ги заштитиле луѓето згрижени во домови за нега. Меѓу нив префрлале нетестирани пациенти од болници, по што вирусот се проширил како пожар. Фокусот бил да се заштити здравствениот систем, покажува нов извештај.

Во првите месеци од пандемијата во 2020 година, приоритет на британските власти бил да се заштити здравствениот систем, а не луѓето од најранлива категорија. Забрзано биле префрлани пациенти од болниците во домовите за нега за стари лица, со цел да се ослободат болнички кревети, да се издвојат одделенија за карантин и да се спречи преоптоварување на Националната здравствена служба (NHS). Главните слогани во јавните кампањи во тоа време беа „Заштитете го NHS“ и „Останете дома, спасете животи“.

Но, префрлените пациенти од болниците претходно не биле тестирани ниту изолирани. Многумина од нив го пренеле вирусот во средина со ранливи луѓе, каде што продолжил да се шири со огромна брзина и со катастрофални последици.

Владата во март и април 2020 година тврдеше дека поставила „заштитен обрач“ околу домовите за стари лица. Приоритетот всушност бил да се заштити NHS. Неуспесите создадоа средини во кои вирусот можеше да се шири како шумски пожар, наведува бароницата Халет во својот шести извештај за реакцијата на властите во времето на пандемијата.

Поради строгите ограничувања, на многу семејства им било кажано дека не можат да ги видат своите најблиски, дури ни во последните денови од животот. Тоа го намалило ризикот од пренесување на вирусот, но предизвикало „немерлива штета“ за луѓето во домовите и нивните најблиски, што често пати резултирало со значително влошување на здравјето и благосостојбата на штитениците, особено кај оние со сложени когнитивни состојби како деменција.

Најранливите луѓе во нашето општество, болните и старите, од кои многумина имаа пред себе уште долг и исполнет живот, беа изневерени од владата, која ги напушти и ги остави да умрат, коментира Џин Адамсон, чиј татко згрижен во дом починал од ковид.

Додека фокусот на властите бил персоналот во здравствените установи, на ризик биле изложени околу 1,5 милиони луѓе ангажирани во домовите за нега. Биле принудени да работат во „неприфатливи“ услови, со недоволна заштитна опрема.

Некои негуватели морале да носат импровизирани водоотпорни престилки, молерски комбинезони или лична заштитна опрема кои самите ја направиле од ткаенина, кеси за ѓубре, постелнина и други предмети за домаќинството, забележува Халет.

Во извештајот се додава дека е нереално да се очекува од негувателите да одржуваат социјална дистанца од 2 метри додека се грижат за штитениците. Поголемиот дел од социјалната грижа вклучува близок контакт и помош во секојдневните активности како миење, облекување и јадење.

Во првите две години од пандемијата, заклучно со јули 2022 година, во домовите за нега во Британија беа регистрирани околу 43.000 смртни случаи поврзани со ковид.

******
Види и: Британија потрошила 10 милијарди фунти на неупотреблива опрема за ковид

Порешителни мерки против ковид ќе спречеле карантини во Британија

21 октомври 2026 - 11:18