Порешителни мерки против ковид ќе спречеле карантини во Британија

Ако британските власти реагирале навремено со строги мерки на почетокот на пандемијата на ковид, ќе биле избегнати 23.000 човечки жртви во првиот бран и воопшто ќе немало потреба од понатамошни карантини. Мерките што ги спроведе тогашната влада на Борис Џонсон биле задоцнети и преслаби, се заклучува во темелен извештај на 1.531 страница.

Токсичната и хаотична култура во британската влада придонесе нејзиниот одговор на пандемијата да биде преслаб и задоцнет. Поради тоа карантинот стана неизбежен, заклучи баронесата Халет, претседателка на Истрагата за ковид-19 во Британија.

Владата на Борис Џонсон воведе строги ограничувања на 16 март 2020 година. Министрите се потпирале на лажни гаранции дека државата е спремна да одговори на огромниот предизвик. Владините научници потцениле колку брзо коронавирусот се шири во почетната фаза од пандемијата и препорачувале да не се воведуваат рестрикции сè додека пандемијата не се приближи до својот врв, со цел да се стекне колективен имунитет.

Ако строгите ограничувања, освен карантин, биле воведени една недела пред 16 март, кога бројот на случаи на ковид беше помал, целосно ќе се избегнел задолжителниот карантин или можеби ќе бил пократок. Анализите покажале дека со строги ограничувања - следење на контакти, самоизолација и респираторна хигиена, во првиот бран до 1 јули бројот на смртни случаи во Англија би бил намален за 48%, што е еквивалентно на приближно 23.000 смртни случаи помалку, се додава во извештајот.

Марк Вулхаус, професор по епидемиологија на заразни болести на Универзитетот во Единбург, на сослушувањето изјавил дека уште на 4 март требало да бидат воведени „попропорционални и поодржливи интервенции“, како следење на контакти, самоизолација и носење маски за лице.

Халет објаснува дека истрагата не се залага за воведување национални блокади.

Далеку од тоа. Ограничувањето на слободата на луѓето на таков драконски начин, со сите катастрофални последици, треба да се избегнува доколку е можно. Но, за да ги избегнат, владите мора да преземат навремени и решителни мерки за контрола на ширењето на вирусот. Четири влади на Британија не го сторија тоа, изјави баронесата.

Првичните грешки биле повторени и подоцна во 2020 и 2021 година, иако вториот бран бил предвиден уште на почетокот на пандемијата.

Карантините од 2020 и 2021 година несомнено спасија животи, но тие исто така оставија трајни лузни врз општеството, врз економијата на Британија, го запреа нормалното детство, ја одложија дијагнозата и третманот на здравствени состојби кои не се поврзани со ковид, ги влошија општествените нееднаквости и имаа сериозно влијание врз менталното здравје на луѓето, се наведува во извештајот.

Владата се смета за одговорна поради тоа што не го проценила економското влијание на блокадите, ефектот од затворањето на училиштата врз образованието и благосостојбата на децата и зголемувањето на семејното насилство.

Во документот на 1.531 страница, леди Халет дава 19 препораки за да се избенат хаотични и погрешни реакции при идни закани. Јавната истрага досега чинеше 192 милиони фунти, што ја прави најскапата во историјата на Британија.

21 ноември 2025 - 09:55