Британските власти во периодот на пандемијата потрошиле 14,9 милијарди фунти за заштитна опрема на вработените во Националната здравствена служба (NHS). Од сите набавени маски за лице, пластични визори, ракавици и мантили, околу две третини биле несоодветни или неупотребливи за користење, со што буџетот бил оштетен за сума од околу 10 милијарди фунти, открива истрагата на чело со бароницата Халет.
Состојбата во NHS била проблематична уште пред да удри пандемијата. Во магацините немало доволно опрема, а немало ни планови за справување со вонредна состојба. Во Англија биле складирани околу 3,8 милиони маски за лице, од кои на две третини им бил истечен рокот за користење. Залихите на ракавици и престилки биле на ниво од една четвртина од потребното.
По прогласувањето на пандемијата, неопходната опрема била нарачувана по итна постапка, главно преку систем што привилегирал одредени добавувачи.
ВИП-лентата за купување по природа беше пристрасна кон оние со врски со владата на Британија. Ова вгради неправда во системот за итни набавки, го зголеми ризикот од злоупотреба и не смее никогаш да се повтори, се заклучува во извештајот.
И покрај овој општ заклучок, бароницата Халет објави дека не се пронајдени конкретни докази за кронизам или корупција од страна на тогашните министри и службеници во конечните одлуки за набавки.
Издвоен е случајот на привилегирани договори за набавка со компанијата PPE Medpro Ltd, поврзан со бароницата Мишел Моне и нејзиниот сопруг, но не се објавени детали поради актуелна кривична истрага. На компанијата ѝ беше наредено да ѝ плати на Владата 122 милиони фунти плус камата поради доставување неисправна опрема.

Впечатливо било и тоа што базата на добавувачи за лична заштитна опрема била концентрирана кон Кина. Се избегнувале домашните производители и оние во Франција и Германија.
Кога почна пандемијата, цената за набавка на таква опрема од Кина се зголеми за 1.252%, оставајќи ги службениците со избор да платат по надуена цена или воопшто да не купуваат, пишува во извештајот.
Поради недостаток на опрема, набавките во првите месеци се опишани како „Див Запад“. Медицински сестри биле принудени да користат капи за туширање како маски или да кројат мантили од ќеси за ѓубре. Некои менаџери нарачувале заштитна опрема преку Amazon со лични кредитни картички, а потоа барале да бидат обесштетени од фондот за ковид.
Во глобалната битка за набавка на опрема и материјали, Британија не беше подготвена да се натпреварува. Одговорните тела беа изненадени и немаа тестирани планови за итна набавка и дистрибуција. Довербата од јавноста, која е многу важна во вонредни ситуации, беше нарушена поради пропустите во јавните набавки. Јавноста треба да верува дека нејзините пари се трошат соодветно, правично и транспарентно, известува бароницата.
Во извештајот се наведени 11 препораки за слични ситуации во иднина, вклучувајќи дигитализирање на системите за купување и дистрибуција на опрема во рок од три години, зајакнување на домашните синџири за снабдување и поквалитетна обука на службениците.