Чисто за разграничување, според БМИ номенклатурата секој што има индекс над 30 влегува во групата на дебели, тие што се со индекс меѓу 25 и 29,9 се со прекумерна тежина, од 18,5 до 24,9 се со нормална тежина, а под 18,5 имаат недоволна тежина. На пример човек со висина од 180 сантиметри и тежина од 98 килограми има БМИ од 30,2.
Почетното алиби за дебелите е од департманот за нутриционистички студии на Тексас Теч Универзитетот, според кои "луѓето грешат кога мислат дека дебелината е однесување. Туку тоа повеќе е сериозна и комплексна болест. Ти не ја избираш дебелината. Тоа е како дијабетесот. Не е под твоја контрола."
Алибито продолжува да го гради професорката по ендокринологија, метаболизам и молекуларна медицина на Нортвестерн Универзитетот, Лиса Неф. Нејзиното објаснување е дека единствено нешто што се има изменето во последниве 40 години е околината. Односно, во исто време кога се бележи раст на бројот на дебели, животниот стил станува се поседечки, додека евтината преработена храна станува се поевтина. Проблемот е што нашето тело уште функционира како во времето кога храната не била сеприсутна како денес, па постојаниот наплив на калории го складира во резерви за во иднина.
Целата работа околу дебелината е премногу компликувана за да може да се сведе на генетика и околина. Според Никил Дурандар од Тексас Теч, кон причината за дебелина треба да се пристапи исто како и кон откривање на причините кои предизвикуваат рак.
"Само затоа што некоја болест изгледа слично, не значи дека таа е причинета од една иста работа. Кон дебелината придонесуваат повеќе фактори," објаснува Дурандар.
Ова "повеќе" легитимно опфаќа: дали личноста има некаква медицинска состојба заради која се здебелува, дали зема лекови кои го предизвикуваат здебелувањето (стероиди, хормонска терапија), дали има одредени ментални нарушувања кои влијаат на нејзините прехранбени навики, дали има зависност од храна, дали има физичка повреда заради кој не може да вежба, дали нејзиниот социоекономски статус и го ограничува пристапот до здрава храна.
Дурандар има проблем и со праксата на дел од докторите кои мислат дека со тоа што ќе бидат директни со пациентите и ќе им зборат дека се дебели, дека некако помагаат.
"И ќе му кажам на некого дека нивното БМИ е толкаво и магично тие ќе почнат да слабеат. На кој му треба да му кажеш? Сите имаме огледала и сите знаеме каде треба да бидеме. Тажната вистина е дека луѓето знаат колкаво им е БМИ-то. Тие може прават нешто околу тоа, ама немаат успех," објаснува Дурандар.
Професорот од Мајо Клиник, Мајкл Џенсен, потсетува дека голем дел од слично обемни проблеми се решаваат или се решавале на ниво на општество.
"Кога ќе видиш како е кај другите работи, како пушење или врзување појаси во автомобили, ова не беа само индивидуални обиди. Ние како општество се сложивме дека ова е важно," објаснува Џенсен.